Search
Close this search box.

Тактилни патеки, Брајово писмо и офицер за комуникација за лицата со оштетен вид во Општина Кисела Вода

Општина Кисела Вода од денес е првата општина во Македонија која постави тактилни патеки во своите простории, со што се овозможи полесен пристап до услугите за лицата со оштетен вид. Исто така, на вратите на сите сектори и одделенија имињата се испишани со Брајово писмо, а ќе биде назначен офицер, односно вработен, за комуникација со лица со попречености кои ќе им помага при добивањето на услуги од општината.

-Достапноста на јавните услуги мора да биде право на секое лице, а не привилегија. Со поставувањето на тактилните патеки и употребата на Брајовото писмо во општината, правиме уште еден чекор кон целосна инклузија на сите наши сограѓани, намалувајќи ја нивната маргинализација и овозможувајќи им активна и рамноправна улога во општеството- истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

-Огромна е нашата благодарност кон градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој самоиницијативно одлучи да го реализира овој проект. Речиси 20 проценти од членовите на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија живеат во Кисела Вода и можноста самостојно да дојдат и да добијат административна услуга е од голема важност. Ова е силна порака дека градоначалникот и Општината Кисела Вода се грижат еднакво за сите, овозможувајќи им еднаков третман без разлика на нивната физичка попреченост. Се надевам дека оваа иницијатива ќе биде проширена и достапноста за лицата со оштетен вид ќе биде поголема и на отворените јавни површини-изјави Претседателот на Националниот сојуз на слепи на Република Македонија, Жарко Селковски кој денес беше првиот што ги искористи тактилните патеки за да оствари средба со градоначалникот Ѓорѓиевски.

Оваа иницијатива е дел од континуираната заложба на Општина Кисела Вода да создава инклузивна средина. Првата мерка што ја спроведе градоначалникот Ѓорѓиевски беше поставувањето на рампи за лица со инвалидитет во општинските објекти. Со новите тактилни патеки, Кисела Вода продолжува да ја демонстрира својата посветеност кон инклузивноста и еднаквоста. На територијата на општината се наоѓа првото целосно инклузивно основно училиште „Кузман Јосифовски – Питу“, кое располага со патеки, паркинзи и лифт за лица со инвалидитет, што е уште една потврда за напорите на општината да обезбеди пристап за сите. Во Усје, беше отворена и првата целосно инклузивна јавна детска градинка. Секоја година, градоначалникот на денот на лицата со оштетен вид, донира книги напишани со Брајова азбука за библиотеката во училиштето за слепи лица ДУРМДОВ “Димитар Влахов”.

Споделете:

Scroll to Top