Завршени се градежните работи на уште еден дел од објектот „Кокиче“, кој функционира во состав на ЈДГ „Весели Цветови“. Со овој зафат објектот е целосно реновиран. Комплетно е обновен средишниот, постар дел од објектот, кој опфаќа: три занимални во кои престојуваат деца на возраст од 2 до 6 години, кујна, канцеларија и ходникот.
За време на реновирањето, целосно е отстранета ламперијата од ѕидовите, по што е поставена арматурна мрежа и ѕидовите се израмнети и соодветно обработени. Поставен е и нов плафон. Истовремено, извршена е демонтажа, темелно чистење и бојадисување на радијаторите, а поставено е и ново осветлување.
-Континуираното унапредување на условите за децата во градинките останува наш основен приоритет. Со ова реновирање создаваме многу попријатна, побезбедна и поздрава средина за престој и едукација на најмладите. Нашата цел е секое дете да има квалитетни услови за раст и развој, а воспитниот кадар современ и соодветен простор за работа – изјави градоначалничката на Општина Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска при посетата на градинката.










