Продолжуваат инфраструктурните интервенции за целосната реконструкција на улицата „Ѓорѓи Димитров“, мошне важна сообраќајна артерија во општина Кисела Вода. Оваа сообраќајница, широка 12 метри и долга 1,2 километри, која повеќе од 50 години беше заборавена и оставена во руинирана состојба, наскоро ќе добие сосема нов лик. Проектот опфаќа комплетна реконструкција на коловозот, изградба на современи тротоари, нови паркинг простори и оформување на зелен појас долж трасата. Инвестицијата, вредна 51 милион денари, е обезбедена преку Програмата за капитални инвестиции на Владата, како дел од првиот повик за финансирање со овој нов механизам за поддршка на општините.

-Реконструкцијата на улицата “Ѓорѓи Димитров” е еден од најзначајните инфраструктурни проекти што ги реализираме во нашата општина. Станува збор за сообраќајница што повеќе од половина век беше запоставена, во исклучително лоша состојба, а која секојдневно ја користат стотици наши сограѓани. Со овој зафат, создаваме целосно ново урбано решение, нов коловоз со широки тротоари, со паркинг простор, со уреден зелен појас, кој директно ќе го унапреди квалитетот на животот на жителите, ќе ја зголеми безбедноста на сообраќајот и ќе овозможи поудобно, побезбедно и поуредено секојдневие. Овој проект, вреден 51 милион денари, е овозможен благодарение на поддршката од Владата а Република Македонија, преку првиот повик за распределба на средства од Програмата за капитални инвестиции. Сакам искрено да се заблагодарам за оваа поддршка, која е од исклучително значење за нас како општина, бидејќи ни овозможува побрза и поефикасна реализација на крупни проекти што директно го подобруваат животот на граѓаните. Во тек е и вториот повик за доделување средства за капитални инвестиции, на кој Општина Кисела Вода повторно аплицира со целосно изготвени проекти. Сметам дека ова е исклучителна можност што ние како градоначалници мораме да ја искористиме за да ги модернизираме нашите општини и да обезбедиме подобри услови за живот за нашите сограѓани и затоа апелирам до нив, да подготват квалитетни проекти и да аплицираат-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
