Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска во Владата на Република Македонија го потпиша договорот со кој на општината ѝ се доделуваат пречистувачи на воздух. Со оваа донација продолжува континуираната заложба на локалната самоуправа за подобрување на квалитетот на воздухот, особено во објектите каде престојуваат најмладите. Во мандатот на Ѓорѓиевски, Кисела Вода веќе ги опреми сите училници во основните училишта и сите градинки со пречистувачи на воздух, а беше и првата општина во државата што постави надворешни пречистувачи.
-Денес, во Владата на Република Македонија ги потпишавме договорите со кои на општините им се доделуваат пречистувачи на воздух. Во време кога загадувањето е едно од клучните прашања за здравјето и квалитетот на животот, ваквите заложби се повеќе од добредојдени.

Ова е уште една вреден проект со кој се покажа дека грижата за животната средина треба да биде конкретна и видлива со дела, не со празна реторика. Имено, во мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода ги опремивме сите училници во основните училишта и сите градинки со пречистувачи на воздух. Ние бевме и првата општина во Македонија која постави надворешни пречистувачи. Со оваа нова донација, конечно ги покриваме сите објекти под општинска јурисдикција што е чекор напред кон поздрава и побезбедна околина за сите.
Изразувам огромна благодарност до Премиерот Христијан Мицкоски и генералниот секретар Игор Јанушев, за нивната поддршка и заложба за чиста животна средина. Чистиот воздух не е луксуз, туку право. Ние работиме да го обезбедиме, системски и одговорно-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.