На истекот од 2015 година, општина Кисела Вода додели уште 40тина ваучери за новороденчиња, со што бројот на семејства со принова кои добиле еднократна парична помош од оваа локална самоуправа, се искачи на 1282.
Од нив, само во оваа календарска година, се доделени 493. Овој проект, кој е дел од Програмата од социјалната сфера на општина Кисела Вода има за цел да им помогне на новите родители околу првите потреби што доаѓаат со новороденчето и истиот ќе продолжи се до истекот на мандатот на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ.
Токму затоа, општина Кисела Вода уште еднаш ги повикува сите родители кои ги исполнуваат критериумите, воопшто да не се двоумат и да ја поднесат потребната документација за паричната помош. Постапката е едноставна и се состои од исполнување на неколку елементи, а тоа се:
и двата родитела да се со живеалиште на територијата на општината Кисела Вода и заедно со барањето да достават на увид и важечки лични карти или други исправи за лична идентификација (една во случај на самохран родител), извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена, од моментот на раѓање на детето.