Ново јавно доделување на решенија за легализација, се одржа денес во општина Кисела Вода, со што, бројот на решени предмети се искачи на 2917. Градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ во своето обраќање пред присутните, уште еднаш ја потенцираше важноста на процесот на легализација и бенефитот што и граѓаните и општината ќе го имаат од него.
– Заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички успех. На овој начин и жителите на општината кои во овој момент поседуваат дивоградба, заедно со општината, ќе можат да делуваат во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа. Со новите детални урбанистички планови, кои на овој начин ќе можат да бидат донесени, на граѓаните и бизнис заедницата им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките. Само на тој начин ќе придонесеме за успешен развој на нашата општина- истакна градоначалникот Беличанец Алексиќ.
Споменувајќи дека се уште има 3872 поднесени предмети во кои недостасува Геодетски елаборат, градоначалникот на општина Кисела Вода, уште еднаш потсети на владината одлука да им излезе во пресрет на граѓаните и да го продолжи рокот за доставување на документите до крајот на 2015-тата, но истакна дека е пожелно да не се чека до последен момент и да и се овозможи на општинската администрација да работи на решавање на предметите, што е можно само со комплетна документација.