Легализирани уште 48 дивоградби во општина Кисела Вода. Лицата кои имаа дивоизградени објекти и кои ја доставија потребната документација до општинските служби, денес ги подигнаа решенијата и станаа легални сопственици на објектите кои ги поседуваа.
Со тоа, вкупниот број на решени предмети се искачи на на 2586, од вкупно достасаните 11874 предмети. Со зголемувањето на бројот на екипи кои излегува на терен и кадровското и техничко доекипирање на Одделението за легализација на дивоградбите кои ги спроведе општина Кисела Вода, се создадени можности за поголема динамика на решавање на предметите, но сепак, без геодетските елаборати кои треба да ги достават граѓаните, процесот е оневозможен.
Оттука и апелот до сите сопственици на дивоградби да не се чека до последниот рок, кој согласно последните законски измени е до крајот на 2015 година, туку потребната документација да се достави што поскоро. Користа ќе биде взаемна. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.