Search
Close this search box.

Легализирани нови 50 дивоградби во општина Кисела Вода

Нови педесетина семејствa од општина Кисела Вода ја искористија можноста да се стекнат со правна и легална сопственост на своите домови. Во големата сала на општината, денес, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ им ги  додели решенијата за легализација на бесправно изградените објекти, нагласувајќи дека спроведените мерки на локалната самоуправа за забрзување на темпото на решавање на предметите ги даваат очекуваните ефекти.

 

-Напорите што ние, како локална самоуправа ги вложуваме за забрзано решавање на пристигнатите предмети, даваат резултати. Само на кратко, ќе потсетам дека, кадровски и технички го доекипиравме Одделението за легализација на дивоградби, го зголемивме бројот на комисии кои излегуваат на терен, а  воведовме и практика за делење на решенија на неделно ниво.  По спроведените мерки, во изминатите неколку месеци доделуваме во просек по околу 40-тина решенија за легализација неделно-истакна Беличанец-Алексиќ.

 

Со денешното јавно доделување на решенијата за легализација, бројот на решени предмети се искачи на 2489. Се уште останува голем број на предмети кои се со нецелосна документација, што го доведува во прашање легализирањето на објектите. Градоначалникот Беличанец-Алексиќ апелираше да се искористи поволноста што Владата на Република Македонија им ја овозможи на граѓаните за продолжување на роковите за доставување на документите, но да не се чека до последен миг, бидејќи воведувањето на урбанистички ред е во интерес на сите. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кои ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.

 

 

Споделете:

Scroll to Top