Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денес додели нови 50 решенија за легализација на дивоградбите од овој дел на градот.
Од поднесените 11 877 барања, решени се 3599 предмети или точно 30 проценти. Потсетувајќи на спроведените технички мерки од страна на општината кои имаа за цел да ја подобрат динамиката на процесот на легализација на дивоградбите, таа ја истакна и улогата на имателите на нелегален објект.
– За процесот на легализација да тече, тие мораат да достават комплетна документација до административните служби. Бројот на поднесени барања без геодетски елаборат, во овој момент, изнесува 3424. Исто така, изготвени се уште 127 урбанистички согласности, од кои, за 87 се чека уплата на надоместокот, за постапката за изготвување на Решенијата за легализација на објектите да може да се продолжи. Во овој момент, би сакала да апелирам и до сите граѓани кои поседуваат тераси пренаменети во станбен простор дека се ближи 30 јуни, кој е крајниот рок за поднесување на потребната документација за легализација на терасите. До овој миг, до општина Кисела Вода се поднесени 140 вакви барања-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ пред присутните во Големата сала на општината.
Додаде дека заокружувањето на процесот на легализација ќе биде заеднички успех-и на општината, и на нејзините жители и на бизнис заедницата чија дејност е лоцирана на оваа територија.