Општина Кисела Вода се приклучи во одбележувањето на 70 годишнината од постоењето на слободно Скопје.
Во организација на Сектор за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт при општина Кисела Вода, во паркот Македонија, се одржа ликовно-музичко-спортско случување во кое учествуваа сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, јавните детски градинки и ПОУ “Др.Златен Сремац” и ДУРДМОВ “Димитар Влахов”.
Со спортски активности со натпреварувачки карактер, настанот го отворија најмладите, дечињата од ЈДГ “Весели цветови” и “8 Март”.
По нив следуваше настапот на учениците од ПОУ Димитар Влахов, со својата музичка изведба на хармоники, додека учениците од ПОУ Др Златен Сремац имаа штандови со сопствени ракотворби.
Централното случување беше перформансот “Времеплов”, преку кој основците од сите училишта од општината низ музика, кореографија и костими ги одбележуваа различните декади во периодот од ослобудувањето на Скопје, па се до денес.
Публиката која присуствуваше на настанот, преку настапот на дечињата се потсети на македонските партизански песни, на песните од работните акции, на оние кои се пееја во постземјотресно Скопје, потпевнуваше на големите хитови од 70тите и 80тите, се потсети на најслушаната музика во 90тите и на она што се слушаше од 2000тата па се до денешната најпопуларна музика.
Своето видување на минатото, учениците го прикажаа и преку нивните ликовни творби на тема 70 години слободно Скопје, кои беа изложени во паркот Македонија, а ќе учествуваат и на големата изложба организирана од град Скопје.
Со балони кои полетаа кон небото, кон бескрајниот простор, како симбол на слободата, беше заокружено одбележувањето на 13 Ноември, на 70те години слободно Скопје!