На домашен терен, во спортската сала „Независна Македонија“ кошаркарите на КК „Ангели“ со резултат 65-62 ја победија екипата на „Чаир 2030“, и за првпат од постоењето на клубот се пласираа во првата кошаркарска лига.
„Кошаркарскиот клуб „Ангели“ во која израснаа многу генерации конечно после долги години напорна работа, и увереност дека може да се натпреварува со најјаките, стана дел од кошарската елита во нашата држава. На петнаесеттата година од постоењето на клубот, кој е формиран во 2006 година, во населбата Драчево, го обезбедивме нашиот најголем успех, се пласиравме во првата македонска кошаркарска лига. Изминатите три години бевме блиску до целта, но од разни причини не успеавме да обезбедиме влез во првата лига. Оваа година доминиравме на терените. Со дваесет победи и само со два порази на гости први обезбедивме учество во кошаркарската елита. Заверката на учеството во првата лига се случи после два одиграни натпревари со екипата на КК „Чаир“ на кои двапати победивме. Овој голем успех за тренерите и раководните лица на клубот ќе биде дополнителен мотив за работа во сениорската и сите останати младински екипи. – изјави Благоја Кечовски, менаџер на КК „Ангели“.