Објектот на старото кино во населба Кисела Вода ќе биде комплетно реновиран и пренаменет во културен дом со многу содржини. Ова, на прес конференција одржана токму во дотраениот објект, го најавија градоначалничката на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ и министерката за култура Елизабета Канческа -Милевска.
Реконструкцијата ќе се реализира со средства од државниот и Буџетот на локалната самоуправа.
-Кисела Вода е една од најстарите општини. Граѓаните заслужуваат да имаат совршен објект со мултикултурна функција и добра културна понуда во интерес на збогатувањето на културниот живот, истакна Канческа Милевска. Потенцира дека ќе продолжи владината поддршка за развој и збогатување на културниот живот во локалните самоуправи.
Значењето на овој заеднички проект на Министерството за култура на РМ и општината Кисела Вода е огромно, бидејќи преку него ја доближуваме културата и културно-уметничките настани до сите граѓани, дури и на локално ниво. За граѓаните, уметноста ќе биде на дофат, а на уметниците им се нудат современи услови за творење и уметничко изразување, амбиент за нивен личен професионален развој-назначи Беличанец-Алексиќ.
По завршувањето на градежните активности, новиот дом на култура на посетителите ќе им нуди многу содржини. Во него ќе функционира мултифункционален простор кој би се користел како театар со 144 седишта и надграден дел кај сцената во висина од 4 метри, што е потребно за функционирање на една театарска сцена; вкупната површина на салата од 315квадратни метри ќе може да се користи и како кино сала. Во останатиот дел од објектот ќе има библиотека, уметнички клуб, кафетерија со галерија, административни канцеларии, а, секако се предвидени и простории за месната заедница, со засебен влез.
Новиот дом на културата ќе има и модерна надворешност. Фасадата ќе се изработи од композитни алуминиумски панели во три бои-црвена, темносива и светло сива. Предвидено е и поставување на стаклена структурална фасада од алуминиумски профили застаклени со транспарентно темно стакло. Целиот надворешен простор околу објектот ќе биде хортикултурно уреден, а за посетителите ќе бидат обезбедени и паркинг места.