На вонредна седница на Советот на општина Кисела Вода која се одржа денеска, на предлог на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, беше донесена одлука за издвојување на финансиски средства како помош за санирање на последиците од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина.
Акламативно беше изгласана одлуката на Црвениот Крст да му се исплатат 300 000 денари од Буџетот на општината од ставката Постојани резерви (непредвидливи расходи), за кои потоа Црвениот Крст ќе биде должен да достави извештај за насочените средства.
Во обраќањето на градоначалникот на општината Билјана Беличанец-Алексиќ, таа упати благодарност до сите граѓани, сите волонтери, сите вработени во општината кои во текот на целиот вчерашен ден беа на терен за помош во реализацијата на хуманитарната акција “Да подадеме рака” која се одвиваше на територија на целата општина, упати благодарност и до сите фирми кои дејствуваат на оваа територија а одлучија да донираат.
-Сакам да изразам голема благодарност до сите вклучени учесници во вчерашната акција кои неуморно работеа цели дванаесет часа за помошта да може да се собере и понатаму да биде упатена до загрозените од поплавите во Србија и Босна и Херцеговина. Посебна благодарност до министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој ни го обезбеди шлеперот за транспорт на донациите и на сите компании со кои лично исконтактирав и ги замолив да донираат во рамките на своите можности, а тие веднаш излегоа со своите донации. Би ги споменала компаниите БТА,РУДИНЕ, БАТА И ДИВАЈН,ЗДРАВЈЕ РАДОВО, ГРУПАЦИЈА НАТУРА, ТИНЕКС, а во најава е и донација која треба да пристигне во текот на денешниот ден од страна на МАКПРИМАТ-истакна градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.
На седницата предводена од Претседателот Трајче Донев, беше усвоена уште една одлука. На предлог на советничката Мери Проја Продановска, советниците гласаа ЗА за да издвојат по 25% од својот паушал и дадат свој личен придонес кон донацијата од општина Кисела Вода до загрозените семејства од Србија и Босна и Херцеговина кои претрпеа огромни штети од поплавите.