Search
Close this search box.

​Отворена градинката „Верверичка“ – Кисела Вода на чекор до целосно затворање на листите за прием

Денес, во населбата 11 Октомври Згради во општина Кисела Вода свечено беше отворена новата градинка „Верверичка“, како дел од ЈДГ „Весели Цветови“. Градинката е изградена во финансиско партнерство помеѓу Општина Кисела Вода и Комерцијална банка, која со донација од 6 милиони денари значајно придонесе за реализација на овој проект, вреден над 14 милиони денари.Новата градинка се простира на површина од 525 м², располага со 6 занимални, 4 воспитни групи и јасли, и овозможува згрижување на 125 деца. Оваа инвестиција директно ја решава проблематиката со недостиг на места во градинките. Со отворањето на денешниот објект, изградбата на уште две градинки кои се во тек, претходно отворените две градинки и петте градинки кои беа доградени, во моментот во Кисела Вода, за прием чекаат само 20тина дечиња. За потсетување, на почетокот на мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, наследената листа на чекање броеше 450 деца. – Со големо задоволство денеска заедно го отвораме новиот објект на ЈДГ „Весели Цветови“, градинката „Верверичка“, која претставува уште еден важен чекор во исполнувањето на нашата заложба, за секое дете да обезбедиме достапно, квалитетно и безбедно предучилишно образование. Ова е третата новоотворена градинка во изминативе четири години откако ја водам Општина Кисела Вода, а истовремено градиме уште две, во населбите Расадник и Потстаница. Дополнително извршивме доградба и во пет други градинки. Овие инвестиции имаат конкретна и мерлива цел- целосно затворање на наследената листа на чекање за прием на деца во градинките која, на почетокот на мојот мандат, броеше 450 деца во двете градинки на наша територија. Денешното отворање на „Верверичка“ значи и официјално затворање на листата во рамките на ЈДГ „Весели Цветови“, која на почетокот на мојот мандат броеше дури 180 деца. На ниво на цела општина, остануваат уште дваесетина на деца кои чекаат прием, но согласно дадените ветувања и динамиката на работа, веќе извесно е дека ваквиот проблем во Кисела Вода ќе биде целосно решен.Особена благодарност упатувам до Комерцијална Банка, која преку донација од 6 милиони денари даде клучен придонес во реализацијата на овој проект. Нивната поддршка не е само финансиски гест, туку потврда дека корпоративниот сектор има важна и одговорна улога во подобрувањето на квалитетот на животот. Овој пример покажува колку е важно кога компаниите препознаваат значајни проекти и активно придонесуваат тие да станат реалност.

Сакам искрено да се заблагодарам и на Министерството за социјална политика, демографија и млади и на заменик министерот кој денес е со нас, за институционалната поддршка и за поддржувањето на општинските приоритети- изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.На настанот се обрати и Главниот финансиски директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, д-р Маја Стевкова Штериева, која истакна:- Помошта за изградба на новата градинка „Верверичка” е една од нашите омилени донации со кои го одбележуваме јубилејот од 70 години постоење на Комерцијална банка. Можноста да придонесеме за развојот на децата и нивно весело детство на посебен начин ги топли нашите срца. Денес, со голема радост можеме да го видиме резултатот и да се радуваме на детските насмевки што ќе ја исполнат градинката низ годините што доаѓаат“, изјави на свеченоста д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.Свое обраќање имаше и заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, кој даде поддршка на иницијативата и потенцираше важноста на соработката меѓу локалната и централната власт во интерес на децата.-Главниот фокус на нашето министерство е детската заштита и демографијата. Секој родител има право да работи, а дечињата да си ја најдат својата среќа во ваквите објекти кои ние ги градиме. Она што го прави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски е добар пример што треба да се следи и листите на чекање да бидат анулирани во сите општини низ Македонија. Како, Влада, она што го ветивме пред една година, сме на половина пат да го оствариме. За една година од денес со сите оние објекти што ги очекуваме, петнаесет на број до крајот на годината низ Македонија, но и многу други кои ќе бидат отворени во текот на 2026 година,  ќе бидат отворени и многу други, со што листите на чекање со 4000 деца, конечно ќе бидат затворени. Секогаш ќе се залагаме за подобри услови за децата и секогаш ќе ни бидат потребни партнери како што е Комерцијална Банка за да ни дадат дополнителна поддршка тоа да го оствариме- изјави заменик-министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.

Споделете:

Scroll to Top