Вчеравечер во населбата Црниче официјално започна со работа новата канцеларија на Шведско-македонската стопанска комора. На свеченото отворање присуствуваа градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, извршниот директор на комората, Самуил Наумовски Викиус, како и претставници од голем број локални компании.
Зад комората стојат 35 етаблирани шведски компании чија цел е да бидат економски мост помеѓу Шведска и Македонија. Присуството на бројни домашни бизнисмени на отворањето потврдува дека постои огромен потенцијал за меѓусебна соработка и пласман на нови пазари.
-Фактот што Шведско-македонската стопанска комора ја отвора својата канцеларија токму кај нас, потврдува дека како општина создаваме поволна бизнис клима препознаена од меѓународната заедница. Нашата намера е да бидеме силна поддршка на овој економски мост. Преку континуирана модернизација на услугите и поддршка на малите и средни претпријатија, обезбедуваме основа за привлекување нови инвестиции, кои ќе донесат нови работни места и одржлив економски раст- истакна градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.













