Претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски и градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, денеска во Големата сала на општината доделија нови 50 решенија за легализација на дивоградби.
Во своето обраќање пред присутните, Премиерот Груевски истакна дека Владата со овој закон најде начин да реши еден општествен проблем кој се таложел со години и да им овозможи на голем број граѓани да ги легализираат своите домови.
– Конечно падна големиот товар кој луѓето го носеа по 10, 15 или 30 години. Можноста за поднесување барања за легализација ја искористија околу 350.000 граѓани низ земјата. Тоа е уште една потврда за масовноста на оваа појава и за големината на проблемот со кој се соочуваме како држава. Кисела Вода е една од општините во кои овој проблем е најприсутен. Таа е и една од најуспешните општини во овој дел и заслужува честитки. Ги повикувам и другите општини да го следат примерот – рече Груевски.
Градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ ја објасни важноста на легализацијата, како процес кој на граѓаните ќе им овозможи да станат правни сопственици на својот имот, а општината пак, ќе може да носи нови урбанистички планови во кои ќе ги впише новолегализираните објекти и со тоа взаемно ќе се придонесе во креирањето на урбанистички ред на оваа територија.
-Во изминатата година Општината веќе донесе пет детални урбанистички планови со кои покрај тоа што се вклопени голем број легализирани објекти, се овозможуваат услови за нови градби, доградби, надградби… Се’, во интерес на граѓаните и развојот на општината. Исто така во рамките на своите финансиски можности се труди да ја подобри инфраструктурата а посебно во оние населби каде се наоѓаа најголемиот број на диви градби.
Во овој момент чувствувам потреба да искажам голема благодарност до Владата на Република Македонија предводена од Премиерот Никола Груевски, која преку овој закон, како и преку голем број други законски решенија, проекти и мерки континуирано им помага на општина Кисела Вода и сите нејзини жители-истакна градоначалникот Беличанец-Алексиќ.
Со денешните 50 новододелени решенија, бројот на легализирани објекти во општина Кисела Вода се искачи на 2967. На ниво на Македонија се решени речиси 100 илјади барања од поднесените 350 илјади. Рокот за поднесување на барањата е продолжен до крајот на 2015 година. Премиерот Груевски ги повика останатите околу 250 илјади граѓани (семејства) да побрзаат и да ги комплетираат документите за да го стигнат рокот и, како што рече, да го искористат моментот и добрата волја што ја има сегашната влада.