Со посетата на урбаните заедници Пржино и Црниче, градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ го затвори овој циклус посети на месните и урбани заедници во општина Кисела Вода. И овој пат, таа, претседателот на Советот на општината Трајче Донев и претставници од општинската администрација, ја искористија можноста изворно да ги слушнат проблемите од оние кои најмногу ги засегаат-жителите на тој дел од општината како би можело навремено да се интервенира за нивно решавање, воедно и да се дискутира околу идеите и предлозите што граѓаните ги имаат во врска со подобрување на условите во кои живеат.
Разговарајќи околу досега сработеното во Пржино, градоначалникот Беличанец-Алексиќ потсети на изградбата на пристапна патека за улицата “Мегленска”, изработката на коловозна патека и нејзино поплочување со павер елементи пред игралиштето “Славија” на ул “Полог”, како и целосната промена на уличното осветлување во овој дел од градот, во насока на спроведување на мерките за енергетска ефикасност кои се приоритетни за оваа локална самоуправа.
Планираните активности во Пржино за кои посебно се интересираа жителите од оваа урбана заедница, предвидуваат изведба на фекална канализација за улицата “Зеленгора 1”, санација на ул. “Благоја Гојан”, а веќе е нарачана и проектно-техничка документација за целосна реконструкција на градинката “8 Март”.
Правејќи ретроспектива на реализираното во Црниче, градоначалникот Беличанец-Алексиќ го истакна отворањето на градинка во дел од ПОУ “Кузман Јосифовски Питу” во Црниче, објект кој претходно беше целосно реновиран, како и за комплетна замена на системот за греење во него и воведување нов, комплетно енергетски ефикасен метод на греење со биомаса. Ја истакна предноста на овој систем бидејќи користејќи овошни семки и пелети како енергенс, финансиските заштеди во потрошувачката на топлинска енергија се околу 80%, а штетните емисии на јаглероден диоксид се сосема избегнати, што е огромен придонес во заштитата на животната средина. Потсети и дека ПОУ “Кузман Јосифовски Питу” во Црниче доби и ново повеќенаменско игралиште преку Агенцијата за млади и спорт, со што младите од овој дел на градот слободното време можат да го користат за спорт и рекреација, во близина на својот дом. Заедно со жителите на Црниче се дискутираше и за неодмнешното подигнување на шахтите и крпењето на дупки на повеќе улици, за замената на уличните светилки со натриумови, и најава за реализација на повеќе проекти од кои како позначен се издвои реконструкција на улицата Жванска со павер елементи.
Со синоќешната, се заокружува циклусот посети што ги опфати сите 15 месни и урбани заедници низ општина Кисела Вода. Секако, отвореноста кон граѓаните и нивните предлози и идеи останува да биде приоритет на градоначалникот Беличанец-Алексиќ, чиј приемни денови непрекинато се одвиваат. Истите, се закажуваат на телефон 02/2785-400, по што граѓаните телефонски се контактираат за датумот и времето на средбата.