Фудбалски топки и дресови денес добија учениците од OOУ “Кирил Пејчиновиќ” од страна на фудбалерите од македонската младинска репрезентација. Донацијата e oбезбедена преку соработката на ФФМ со Општина Кисела Вода преку Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт и OOУ “Кирил Пејчиновиќ”.
На настанот на кој присуствуваше и директорот на македонската младинска фудбалска репрезентација до 21 година , учениците имаа можност да се сретнат со спортистите кои им пренесоа интересни моменти од натпреварите кои ги играат дома, но и на терените надвор од земјава.
„Навистина е убаво чувството да се биде овде, помеѓу најмладите за кои фудбалот едноставно претставува детска игра, ни овозможи поинаква перспектива, да ја согледаме фудбалската игра во суштина. На некој начин не ослободи од притискот кој како професионалци неизбежно го чувствуваме. Ова покажува дека фудбалот е и ќе биде број еден спорт, и секако е голем мотив да дадеме се од себе и да донесеме победа. Навистина се радувам што младите сеуште веруваат во фудбалот и во македонската репрезентација.“ изјави репрезентативецот Николов.
Свое обраќање имаше и директорот на ОУ Кирил Пејчиновиќ Сашо Јованоски во кое им се заблагодари на репрезентативците, на стручниот штаб и на ФФМ за посетата и донацијата на спортска опрема, која е секако значајна за училиштниот спорт.
Со своите најголеми обожаватели се дружеше и Давид Бабунски кој до неодамна играше за „Барселона“ во Шпанија, а сега е дел од фудбалскиот тим на „Црвена ѕвезда“ од Белград. Учениците беа посeбно возбудени што можат да слушнат како изгледа да се игра за светски познати тимови, нешто што е сон на секое дете, на секој спортист. За крај на настанот, им беа поделени бесплатни билети за претстојниот натпревар на македонската фудбалска репрезентација со фудбалерите од националниот тим на Бугарија кој треба да се одигра во вторник, 29 март во 19 часот.