Унапредувањето на знаењето и информираноста на физичките и правните лица може да осигура одржливи решенија за намалување и правилно постапување со отпадот.
Создавачите на отпад се должни, во најголема можна мера, да го избегнат создавањето на отпад и да ги намалат штетните влијанија на отпадот врз животната средина, животот и здравјето на луѓето.
При преземањето на одредени дејности и активности во врска со управувањето со отпадот, правните и физичките лица се должни да обезбедат висок степен на заштита на животната средина, животот и здравјето на луѓето. Правните и физичките лица кои преземаат одредени активности во процесот на производството, се должни да употребуваат суровини со чија преработка се создава помалку отпад, да применуваат технологии кои обезбедуваат почисто производство и кои ги штедат природните ресурси, односно да произведуваат производи коишто, при нивното производство и употреба, не ја загадуваат животната средина или загадувањето да го сведат на најмала можна мера, во согласност со начелата за одржлив развој.
При преработката и отстранувањето на отпадот мора да се користат најдобрите достапни техники и технологии.
Реализацијата на Планот на Република Македонија за управување со отпадот се спроведува преку програми за управување со отпадот кои треба да бидат изготвени и донесени од страна на секое правно односно физичко лице кое во вршењето на својата дејност во текот на една календарска година создава повеќе од 200 килограми опасен отпад и/или повеќе од 150 тони неопасен отпад. Правните и физички лица се должни програмите да ги доставуваат до градоначалниците на општините и градот Скопје и до органот на државната управа надлежен за работите од областа на животната средина најдоцна во месец септември во тековната година за наредната година.
Програмата за управување со отпад треба да содржи:
- постојно ниво на создавање на отпад, по видови, количини и извори на создавање и предвидување на видот и на количеството отпад што се создава во наредната година;
- постојни и планирани технички, организациони и други мерки за избегнување и за намалување на создавањето на отпад и намалување на штетноста на отпадот;
- податоци за постојни и планирани организационо-техничките капацитети;
- постојни и планирани технички, организациони и други мерки (вклучувајќи и инвестициони зафати) за постапување со отпадот (селектирање, третман, преработка искористување на енергијата, складирање и отстранување);
- рокови за реализација на одделни барања од планот за управување со отпад и рокови за реализации на одделни фази од планот;
- временска рамка за спроведување на стандардите кои се однесуваат на составот и изработката на одделни производи и пакувања и нивната соодветност за повторна употреба или преработка вклучително и рециклирањето;
- мерки за заштита од штетното влијание на отпадот по животната средина, животот и здравјето на луѓето;
- Воведување на меѓународни системи за заштита на животната средина. (ISO 14000 и други);
- планирани активности за едукација и за обука на кадарот што управува со отпадот и
- други мерки што се од значење за реализација на програмата