Под мотото Слушни ја бојата, денеска, во Градскиот парк се одржа Фестивалот на цвеќето, кој на едно место ги собра и поврза произведувачите и одгледувачите на цвеќе, учениците, децата од градинките и сите оние кои и се радуваат на пролетта.
Фестивалот започна со цветно дефиле, во кое учествуваа околу 500 дечиња, кои се движеа од плоштадот „Македонија“ кон Градскиот парк. Нив ги придружуваа и пајтонот и вовчето, украсени со цвеќе. Облечени како цвеќиња синолички и пролетни тревки, свое учество зедоа и децата од градинката „Весели Цветови“, објект „Синоличка“ од општина Кисела Вода. Видно возбудени и расположени и тие во 10:00 часот тргнаа од пред споменикот „Воин на коњ“ и се движеа до Луна паркот, каде во 12:00 часот започна музичка програма за децата.
-На организацијата на првиот Скопски цветен фестивал, Градот сериозно му се посвети, зашто наша определба е Скопје да стане град на цвеќето. Екипите на Градот изминатиов период интензивно засадуваа цвеќиња и уредуваа цветни инсталации на јавните површини. Она што ми претставува особено задоволство е што овој фестивал го привлече интересот на голем број наши сограѓани и само во саботата настанот го посетија повеќе од 5.000 граѓани – изјави градоначалникот на Скопје Коце Трајановски.
На фестивалот беа организирани работилници, на кои граѓаните имаа можност да ги збогатат своите знаења за тоа како правилно да се садат и да се негуваат цвеќињата, како да направат цветен аранжман, како да изработат цветно оригами, а студентите од Технолошко-металуршкиот факултет, пак, подготвуваа креации од цвеќе.