Редовната посета на месните и урбани заедници во општината ги дава очекуваните резултати. Граѓаните од една страна можат изворно да се информираат за проектите кои се реализирани и кои ќе се реализираат на територијата на нивната месна/урбана заедница, но истовремено имаат шанса и да дадат идеи и сугестии за подобрување на работата на локалната самоуправа во сервисирање на комуналните проблеми.
Вчеравечер, согласно планот и агендата на општинската администрација, градоначалникот Беличанец – Алексиќ со својот тим и претставниците на јавните претпријатија од Градот Скопје ги посетија месните заедници Усје и Пинтија.
Градоначалникот Беличанец – Алексиќ на вчерашните средби, изврши кратка ретроспектива за завршените работи, кои на претходните состаноци беа дефинирани како приоритети во тие населено место, а ги слушна и забележа сите нови идеи, предлози и приоритети, кои треба да се најдат во градежната агенда за следниот тримесечен градежен период.
Конкретно во Усје, конечно се реализираше проектот за новата водоводна мрежа, се изгради детско игралиште, а на иницијатива на општината се зголеми и фрекфенцијата на автобусот со број 4а. Градоначалникот информираше дека со акцијата за санирање на ударни дупки и реконструкција на улици досега на територијата на општината се поставени околу 7.000 тони асфалт, односно се асфалтирани преку 6 километри патна инфраструктура. Со оваа акција беше опфатено и населеното место Усје, каде се реконструираа неколку сервисни улици, а во следниот период градоначалникот најави реконструкција на уште неколку улици согласно приоритетната листа на месната заеднцица.
Граѓаните од Усје најмногу се интересираа за проблемот со фекалната канализација, кој не е решен повеќе од 30 години, како и можноста за проширување и реконструкција на малите мостови во ова населено место.
Жителите на Припор искажаа задоволство од проектот за реконструкција на ПОУ “Круме Кепески”, за акцијата за крпење на ударните дупки со која се рекоструираа повеќе краци на улицата “Христо Татарчев”, но побараа и изградба на градинка, детско катче и тротоари по главната улица, почнувајќи од автобуската постојка бр. 24 се до влезот на општината Сопиште.
Градоначалникот Беличанец – Алексиќ ги информираше присутните дека проектот за изградба на градинка во состав на подрачното училиште е готов.
-“Доколку не бидат одобрени средства од страна на странски донатори, тогаш општината напролет ќе ја започне тендерската постапка за избор на фирма за изградба на градинка во населбата Припор, со средства од општинската каса” – изјави Беличанец – Алексиќ, потенцирајќи дека овој проект ќе биде еден од приоритетните во градежната сезона за следната година.
Таа информираше дека во моментов општината е активна со асфалтирање на ул. “Христо Татарчев 14/1” во должина од околу 270 метри, а во следниот период ќе се реконструираат краците 31, 33, 36а и 2а од оваа улица.
Градоначалникот истовремено, ги информираше жителите дека до крајот на следната година ќе се донесе Деталниот урбанистички план за Припор, согласно ГУП-от на Град Скопје, кој зафаќа површина од околу 100 хектари.
Посетите на месните заедници ќе продолжат во понеделник (11.11.2013), во месните заедници Стаклара – Каменик (18:30) и Кисела Вода (20:00).