Со филмот “Cinema Komunisto” на режисерката Мила Турајлиќ, вечерва се отвора првото Кино на отворено во Кисела Вода, кое до недела на публиката ќе и понуди повеќе интересни кинематографски остварувања. Секоја вечер со почеток од 21 часот, во паркот Македонија, непосредно до Домот на кутурата Билјана Беличанец, посетителите ќе можат да погледнат по два филма.
Покрај Cinema Komunisto, вечерва на репертоарот е и “My world is upside down” во режија на Петра Селискар, а веќе утре ќе се емитува и првиот македонски филм за деца „Стела“, како и “Avec l’amour” на Илија Цветковски. Покрај споменатите наслови, оваа седмица, доколку дозволат временските услови, “Кино на отворено” на публиката ќе и ги понуди и Grand mothers of Revolution, Mother Europe во режија на Петра Селискар, краткометражниот филм „Другарот“ во режија на Димитар Оровчанец, „Исцелител“ во режија на Ѓорче Ставрески, како и неколку други изненадувања.
Настанот го организира Општина Кисела Вода, во соработка со МакеДокс.