Search
Close this search box.

Нови 40 дивоградби во Кисела Вода ќе добијат имотни листови

Практиката за делење решенија за легализација на бесправно изградени објекти на неделна основа во општина Кисела Вода продолжува. Градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ денеска на 40 граѓани врачи решенија за легализација на дивоградбите, со што вкупниот број на легализирани објекти се искачи на нешто повеќе од 2.200.

 

Беличанец – Алексиќ ги повика граѓаните кои се уште не ја комплетирале целосно потребната документација, тоа да го сторат што поскоро, како би можеле во најкраток можен рок да ги легализираат своите дивоградби. Истовремено, ги потсети сите правни и физички лица на кои им е изготвена урбанистичката согласност, во најкраток можен рок да го платат надоместокот, за да може да се продолжи постапката за изготвување на решенијата за легализација на објектите.

Истовремено, упати апел до сите жители на општината да не го злоупотребуваат процесот на легализација и да градат нелегално во овој вакуум простор, бидејќи ќе се соочат со општинската градежна инспекција.

-“Општинската градежна инспекција е перманентно на терен и секоја нелегална градба која ќе се детектира, а не е подведена под законот за третман на бесправно изградени објекти, односно нема легална документација за градба, веднаш ќе биде срушена. Под ова се подразбира секоја доградба и надградба на постоечките нелегални објекти, но и секоја нова градба која е започната, а е со некомплетна документација и не се гради во согласност со нормативите на Законот за градење” – потенцираше Беличанец – Алексиќ.

Таа потсети и на мерките на Владата за финансиско олеснување на процесот на легализација за социјално ранливите категории, на кои им овозможи да плаќаат половина од цената за геодетските елаборати, а укажа и на фактот дека бенефитот од успешно заокружување на процесот на легализација ќе биде заеднички. Граѓаните ќе станат сопственици на нивните имоти, а општината ќе може да донесе нови детални урбанистички планови, во кој ќе бидат впишани и новолегализираните објекти, што е и крајна цел на овој процес.

Споделете:

Scroll to Top