Со цел да им помогне на оние кои бараат вработување или започнување сопствен бизнис, Општина Кисела Вода во соработка со Центарот за жени претприемачи – Скопје, во мај годинава започна проект за организација на обуки за вештини за вработување, на кои им претходеа интерактивни работилници за запознавање на граѓаните со можностите за вработување и започнување сопствен бизнис.
Денеска (12.09.2013) во големата сала на Општина Кисела Вода, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ го заокружи овој проект, со свеченото доделување на сертификатите за успешно завршени обуки за стекнување претприемнички вештини, вештини за вработување и ИТ-вештини на околу 60 лица од општината.
-“Денес, во време на активно справување со невработеноста, процесот на неформално образување и стекнување дополнителни вештини за развој на кариера, претприемништво и информатичка технологија, е нешто без кое е незамисливо да се истрча и да се биде конкурентен на пазарот на трудот. Токму затоа и Општина Кисела Вода, активно се вклучи во реализацијата на овој проект, со кој беа опфатени жените и младите лица до 40 години, а за чија реализација општината издвои 200.000 денари” – изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.
Таа порача дека со реализацијата на овој проект, со кој се обучија околу 60 млади луѓе, од кои повеќето се жени, општината Кисела Вода ја реализира целта и кон приватниот сектор, односно на компаниите од Кисела Вода им обезбеди одлично подготвен кадар за имплементација на нови идеи.
-“Колку повеќе се посветиме и колку повеќе енергија вложиме, толку повеќе животот ќе ни возврати. Токму затоа, искрено сметам дека трудот кој го вложивте и вештините и знаењата со кои се здобивте во изминатите неколку месеци, целосно ќе се исплатат” – им порача градоначалникот Беличанец – Алексиќ на кандидатите, посакувајќи им среќа и успех во кариерата.
Директорката на Центарот за жени претприемачи – Скопје, Виолета Николова Манчевска се заблагодари на учесниците за довербата и целосната посветеност на обуките, а изрази и голема благодарност до општината Кисела Вода и градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ, за поддршката во реализацијата на проектот.
-“Колку е значаен проектот говори и фактот што проектот е издвоен како македонски пример за добра пракса во рамки на оперативната програма за развој на човечки ресурси во политиките и практитките за вработување, недискриминација и родова еднаквост на Европската Унија” – потенцираше директорот на Центарот за жени претприемачи – Скопје, Виолета Николова Манчевска.
Обуките, кои ги организираше Центарот за жени претприемачи – Скопје и Општина Кисела Вода им овозможија на кандидатите да стекнат знаења, професионални способности и вештини за ИТ вештини, започнување, водење, одржување и развој на бизниси и вработување.