Во насока на создавање на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните, Општина Кисела Вода ги продолжи активностите за носење на неколку клучни урбанистички планови. Имено, деталниот урбанистички план за реон Ј, четврт Ј10, Општина Кисела Вода, плански период 2013-2018, кој е со граници на планскиот опфат помеѓу улиците ”Христо Татарчев” (поранешна “Сава Ковачевиќ”), “Народни Херои”, “Димо Хаџи Димов” и булеварот “Есенинова” e повторно на јавна расправа.
Опфатот на планот е со површина од 30,56 ха.
Основната класа на намени согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје 2012-2022 е А-домување, која што ке биде надополнувана со други класи на намени (Б-комерцијални и деловни намени, В-институции, Д-зеленило, спорт и рекреација и меморијални простори, Е-инфраструктура).
Повторната јавна анкета ќе трае 10 работни дена, односно до 5-ти Ноември. Во споменатиот рок, заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови.
Јавната презентација со стручно презентирање на планот ќе се одржи на 24.10.2013 година (четврток), во 12 часот во просториите на урбаната заедница “Цветан Димов” (стара рампа).