Општина Кисела Вода продолжува со интензивно урбанистичко планирање. Во насока на создавање на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа на граѓаните, Општина Кисела Вода ја започна постапката за носење на неколку клучни урбанистички планови. Покрај ДУП-от за “Цветан Димов – Славија”, денеска Општина Кисела Вода објави соопштение за организирање на јавна расправа и јавна анкета за носење на нов детален урбанистички план. Имено, предлог ДУП-от за реон Ј, четврт Ј08, со кој ќе се уреди просторот помеѓу бул. “Македонија“, улиците “Павел Шатев”, ”Христо Татарчев” (Иван Козаров), ”Марко Цепенков” (Есенинова) и ”Антон Попов” (Огњан Прица), од денеска е изложен на јавна расправа во просториите на урбаната заедница “Цветан Димов” (стара Рампа).
Опфатот е со површина од 17,05 хектари, а на оваа локација предвидено е домување во станбени куќи и згради, мали комерцијални и деловни намени, објекти за образование, здравство, комунална заштита и зеленило. Површината на планскиот опфат е изградено земјиште. Со планот се формираат градежни парцели и се предвидуваат површини за градба со намена во согласност со ГУП-от на Град Скопје.
Јавната анкета ќе трае 10 работни дена, односно до 07-ми Август, а сите заинтересирани граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот можат да доставуваат писмени забелешки, предлози и мислења на анкетните листови секој работен ден од 06-14 часот.
Јавната презентација со стручно презентирање на планот ќе се одржи на ден 30.07.2013 година (вторник) во 12 часот во просториите во урбаната заедница “Цветан Димов”.