Форум во насока на подигнување на свесноста кај граѓаните за проблемот на употреба на дроги кај младите, како и сите проблеми поврзани со употребата на дроги, ХИВ/СИДА, ХЦВ денес се одржа во Големата сала на општина Кисела Вода. Во организација на оваа локална самоуправа, преку Сектор за месна самоуправа и за соработка со невладин сектор, заедно со здружението ДОВЕРБА, а со поддршка на Министерството за здравство, во рамките на проектот „Одржување на ниска ХИВ преваленца во Република Македонија, одржлив развој“ говореа социјалниот работник од здружението Доверба, Славица Шекуткоска и психијатарот д-р Надица Киркова.
Лекување, ресоцијализација и реинтеграција на младите лица кои користеле или користат дроги, но и превентивно делување во насока на спречување на оваа појава, справување со медицинскиот инфективен отпад и поддршката на невладиниот сектор во таа насока, беа темите за кои се дискутираше со присутните претставници од основните училишта, градинки во општина Кисела Вода, претставници на МВР од полициски станица Кисела Вода и Драчево и претставници на НВО. Во насока на давање свој придонес и заедничко делување во локалната заедница, беше договорена соработка со основните училишта во општина Кисела Вода, каде од страна на стручни лица, во наредната година ќе се одржат предавања и работилници пред учениците и нивните родители.