Search
Close this search box.

Интензивни градежни активности во Општина Кисела Вода

Реализација на капитални инфраструктурни проекти во општината Кисела Вода најави градоначалникот Беличанец – Алексиќ на денешната прес-конференција во населбата Црниче. Таа ги информираше медиумите за досега реализираните, како и за проектите кои допрва ќе се реализираат во неколку урбани заедници на територијата на општината.

-“Денеска се наоѓаме во населбата Црниче, каде Општина Кисела Вода започнува со реализација на неколку проекти, кои граѓаните ги искажаа како приоритетни за реализација, на досегашните средби во месните и урбани заедници. Деновиве завршија реконструкциите на улиците “474” и “Томе Арсовски” во Бирарија, а од денеска започнуваат градежни активности за реконструкција на пешачки скалила, фекална канализација и промена на уличните светилки со нови и поекономични во неколку населби” –изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Реконструкцијата на улицата “474” во населбата Бирараија опфати целосно гребење на асфалтот со дебелина од 4 центиметри, нивелирање на шахтите и сливниците на улицата и поставување на нов асфалт со дебелина од 7 центиметри. Во моментов на оваа улица, се поставуваат и нови тротоари во должина од околу 80 метри. Градежните работи на оваа сервисна улица  која се реконструираше на површина од околу 1240 квадратни метри ги изведуваше фирмата Бауер БГ од Скопје, а средствата во висина од околу 1.5 милиони денари беа обезбедени од буџетот на општината.

Заврши реконструкцијата и на улицата “Томе Арсовски”, пред црквата “Св. Петка”, која се поплочи со павер елементи, во должина од околу 130 метри и широчина од 4-5 метри. Долж улицата  се постави и нова линија за улично осветлување со модерни канделабри. За оваа инвестиција општината Кисела Вода одвои околу 2 милиони денари од општинскиот буџет.

Градоначалникот Беличанец  – Алексиќ потенцираше дека едно од најприоритетните барања на жителите на Црниче за реконструкција на пешачките скалила веќе започна да се реализира.

-“Општина Кисела Вода подготви проектно-техничка документација и веќе започна активности за реконструкција и санација на пешачки скали на две локации во населбата Црниче. Имено, ќе се реконструираат пешачките скали од улицата “Чедомир Кантарџиев” до ул. “Наум Охридски” во должина од околу 110 метри, како и пешачките скали од ул. “Партение Зографски” до ул. “Павел Шатев” во должина од околу 85 метри. Согласно техничкото решение ќе се изврши поплочување на скалниците, обложување на потпорниот ѕид со кршени павер елементи, а ќе се постави и ново улично осветлување со канделабри и нова ограда. Станува збор за целосна инвестиција на Општина Кисела Вода во висина од околу 3,3 милиони денари” – информираше таа.

Во градежната агенда за овој дел на општината Кисела Вода е опфатена и реконструкцијата на фекалната канализација на улицата “Жванска”, откако се констатираше дека постоечката фекална канализација по наведената улица (Ф 150 мм) не ги задоволува сегашните потреби за одведување на фекалните води. Со планираната фекална канализација, отпадните води треба да се испуштат во постоечкиот градски колектор на ул. “Наум Охридски”. На оваа улица ќе се постават коругирани полипропиленски цевки (Ф300 мм) во должина од околу 105 метри.

“-Општината Кисела Вода од денеска започнува голема акција за промена на уличните светилки во неколку населби на нејзината територија, со нови и поекономични. На тој начин, граѓаните ќе добијат поефикасно и поекономично улично осветлување, а општината ќе има поголеми заштеди” – заврши Беличанец – Алексиќ.

Општина Кисела Вода во изминатите неколку години презема низа активности за воведување мерки за енергетска ефикасност, со единствена цел намалување на трошоците за улично осветлување. Во таа насока, во 2012 година општината го заврши проектот за нумерирање на електричните столбови на јавните површини на нејзината територија. Реализацијата на овој проект е дел од поширокиот проект на локалната самоуправа за имплементација на Програмата за енергетска ефикасност на општинско ниво преку инсталирање на штедливи светилки.

Втората фаза која од денеска започна со реализација ќе опфати замена на живините светилки со висок притисок HPML со енергетски ефикасни и натриумови светилки со висок притисок HPSL, првично во населбите Црниче и Пржино, каде ќе се сменат околу 450 улични светилки. Акцијата ќе продолжи во населбите Бирарија и Цветан Димов, каде ќе се сменат околу 400 улични светилки.

Со промената на околу 850 улични светилки, во овие урбани заедници, општината годишно ќе заштеди околу 1,5 милиони денари.

Во третата и последна фаза ќе се постави регулација која ќе овозможи одредени светилки во доцните вечерни часови да работат со намалена моќност, ќе се воведе и систем на менаџирање, а ќе се изврши и одвојување на командните ормани од трафостаниците на ЕВН и вградување на астрономски часовници за регулација на вклучување и исклучување на светилките.

Според пресметките на општината Кисела Вода, по имплементација на сите фази од Програмата за енергетска ефикасност во делот на уличното осветлување на целата територија на општината, потрошувачката на електрична енергија ќе се намали од 2.522 МWh/ на 1.442 МWh/год, со што општината годишно ќе заштеди и до 9 милиони денари.

Споделете:

Scroll to Top