Процесот на интензивно решавање на предметите за легализација во Општина Кисела Вода продолжува. Со 11-то јавно доделување на 36 нови решенија за легализација, бројот на легализирани дивоградби се искачи на 1833. Од вкупно регистрираните 11.872 дивоградби за кои е поднесено барање за легализација во Општина Кисела Вода, 5.064 предмети се во административна постапка, а 4.946 предмети се незапочнати, односно се со нецелосна документација. Токму затоа, градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец – Алексиќ ги потсети граѓаните кои сеуште не ја комплетирале целосно потребната документација, тоа да го сторат што поскоро, како би можеле во најкраток можен рок да ги легализираат своите дивоградби, а процесот на легализација да заврши во законски утврдениот рок.
-“Ова постојано го потенцирам бидејќи со законските измени, крајниот рок за доставување на геодетскиот елаборат е Јуни 2014 година. Тоа треба да биде силен сигнал за сите наши сограѓани да не губат време и да изготват геодетски елаборат, по што општината ќе може да го заврши предметот за легализација во нивни интерес и конечно да изготви решенија за легализирање на овие објекти” – изјави Беличанец – Алкесиќ.
Таа напомена дека Општина Кисела Вода целосно ја имплементира политиката на “отворени врати”, со која им овозможува на сите граѓани целосен преглед во документацијата и процесот на решавање на нивниот предмет.
Во изминатиот период општината го зголеми бројот на комисии кои излегуваат на терен, а со воведувањето на практиката за делење на решенија на неделна основа, двојно е зголемена ефикасноста во решавањето на предметите.
– “Легализирањето на дивоградбите нуди поволности за сите. Од една страна, граѓаните конечно и формално-правно ќе располагаат со своите имоти, а локалната самоуправа од друга страна, ќе има широко отворени раце за носење на нови детални урбанистички планови со кои ќе го трасира успешниот урбанистички развој” – заврши Беличанец – Алексиќ.
Праксата за делење на решенија за легализација на неделна основа ќе продолжи и во следниот период, а во досегашните три месеци поделени се преку 450 нови решенија за легализација.