Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ, заедно со директорот на нижото музичко училиште, денес свечено ги отвори дисперзираните паралелки на МБУЦ “Илија Николовски Луј” во ОУ “Кузман Шапкарев” во населба Драчево, каде настава следат 30 ученици , во две групи.
Првата паралелка брои 15 ученика од прво, второ и трето одделение , а во другата паралелка, настава следат ученици од четврто и петто одделение. Наставниот кадар кој ја изведува наставата е од МБУЦ “Илија Николовски Луј”. Потребата за доближување на училиштето до учениците, беше увидена од страна на Општината по извршената анкета и утврдувањето дека поголем број на музички талентирани ученици од трите основни училишта на територијата на Драчево , патува повеќе од 12 км во доцните попладневни часови до централното градско подрачје за да ја следи наставата по музичко образование. Со цел да им се излезе во пресрет, да им се намалат трошоците и да не губат време во патување, за овие 30 ученици се обезбедени просторни услови во ОУ “Кузман Шапкарев” во Драчево. Ова е 4та дисперзирана единица на МБУЦ “Илија Николовски Луј”, но е прва отворена по лично барање на Градоначалникот на Општина Кисела Вода. Во дадените изјави за новинарите, беше назначено дека ова е само почеток на соработката помеѓу двете институции и дека постои можност за отворање на уште вакви паралелки, посебно што по отворањето на паралелките во Драчево, се појави засилен интерес од страна на нови музички талентирани ученици од општина Кисела Вода.
Дополнително, на лична иницијатива на Градоначалникот Беличанец-Алексиќ, Општината донираше музички инструменти за ова училиште, кои се потребни за одржување на наставата. За обезбедување на инструментите, со одлука на Советот, се изврши пренамена на средствата од буџетот, предвидени за репрезентација.
На настанот покрај директорот на МБУЦ “Илија Николовски Луј”, Јован Бицевски, присуствуваа и директорот на ОУ “Кузман Шапкарев”- Весна Настоска, директорот на Св. Климент Охридски- Анета Кузмановска , директорот на ЦОУ “Рајко Жинзифов”, Стефче Василевски, претставниците од Министерството за Образование и Наука, Мирјана Јордановска, помлад соработник во одделението за средно образование и Пенка Мантова-Здравковска, соработник во одделението за средно образование , како и професорот кој ќе работи со учениците, Илија Јаневски.