Search
Close this search box.

Обука за прва помош за вработените во градинката “8 Март” во Кисела Вода

Со обука за вработените во градинката “8 Март” започна нов пилот проект за прва помош во градинките, од страна на НВО “Линк Акрос”, во соработка со ЈДГ “8 Март” и Универзитетската клиника за детски болести во Скопје.

 Целта на проектот е подобрување на безбедноста во детските градинки преку воведување на протоколи за прва помош и спроведување обука на негувателки и воспитувачи.

Обуката и тестирањето се базирани врз стандардите и препораките на Американската Академија за Педијатрија. Комплетниот материјал беше подготвен од стручен тим од Клиниката за детски болести од одделот за Интензивна нега и терапија. Едукациите ги спроведува д-р Милена Спиркоска, специјализант од Клиниката за детски болести. Учесниците ќе добијат сертификати по завршениот контролен тест.

Идејата и барањето за проектот дојдоа од директорката на “8 Март”, Снежана Кливановска. Потоа се вклучи и Детска клиника, каде што “Линк Акрос” помогна да се отвори Ургентен центар во 2014. Детални припреми за проектот започнаа откако Министерството за труд и социјална политика даде согласност за истиот.

Со овој проектот ќе се зајакне капацитетот на градинките, како една од првите алки во синџирот на ургентна медицина-да постапуваат адекватно во ургентни ситуации. Покрај зголеменото знаење и вештините кај персоналот, една од важните придобивки од проектот ќе биде и изготвување на протоколи за постапување во ургентни ситуации како и препораки за понатамошно проширување на проектот.

Во пилот проектот учествуваат четири детски градинки од четири различни општини во Скопје и тоа: “8 Март” (Кисела Вода), “Детска Радост” (Гази Баба), “Фидани” (Чаир) и “11 Октомври” (Бутел). Обуката е полудневна и вклучува теоретски и практичен дел. Вкупен број на учесници во проектот е 200 негуватели и воспитувачи.

 

Споделете:

Scroll to Top