Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во почетните градежни активности за изградба на нов паркинг во Расадник. За десетина дена, на оваа локација со површина од околу 1000 квадратни метри, ќе биде завршен паркинг просторот кој ќе овозможи паркирање на околу 130 возила.
-Се наоѓаме во централното јадро на Кисела Вода, во населбата Расадник, каде денес почнавме со изградба на нов паркинг простор, четврт во овој дел на општината за овие две години. Се работи за позиција која ќе обезбеди нови 130 места за паркирање на возила, бидејќи се простира на околу 1000 квадратни метри. Свесни сме дека секогаш постои недостиг од простор за паркирање, па интензивно работиме на изнаоѓање на нови локации кои треба да го подобрат сообраќајот во мирување. Илустративно, за населбата Расадник, ова значи околу 400 нови паркинг места за овие две години или, на ниво на целата општина, обезедивме нови 1200 места на кои граѓаните можат да паркираат. Како раководство на Кисела Вода, сакам да информирам дека ова е стратешка насока која и понатаму ќе ја следиме бидејќи и сообраќајот во мирување е важен фактор за намалување на метежот по улиците и унапредување на квалитетот на живот на нашите сограѓани. Она за што би сакал да апелирам е граѓаните кои поседуваат гаражен простор во самите згради, истиот да го користат и со тоа да овозможат новиот простор за паркирање да биде достапен на оние кои немаат сопствени гаражи-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.