Со низа активности основното училиште “Св. Климент Охридски” од село Драчево, го прославува својот патронен празник. Спортски активности, ликовни, литературни и музички хепенинзи и информативни презентации за ликот и делото на Патронот беа само дел од денешните активности на учениците од 1-8 одделение и нивните наставници.
Најпрвин се одигра турнир во кошарка, помеѓу учениците од 6-то одделение, а се реализираа и музички изведби на солисти на инструменти и училишниот хор. Ходниците во училиштето беа уредени со паноа со ликовни и литературни творби изготвени од учениците, а се реализираше и презентација за ликот и делото на Св. Климент Охридски.
Четсвувањето на патрониот празник беше збогатено со литературно читање со детскиот писател Горјан Петрески.
Основното училиште “Св. Климент Охридски” е изградено во 1924 година, а на македонски наставен јазик работи од 1944 година до денес. Се наоѓа на 12 км оддалеченост од центарот на Скопје, на локалниот пат за с. Зелениково.
Училиштето е препознатливо по убаво уредениот училишен двор со цветни леи и шумски парк, карактеристична зграда за реализација на наставниот процес и поголем број придружни објекти.