Search
Close this search box.

Се одржа работилница за побезбедна храна во воспитно-образовните институции во Кисела Вода

Денес, во големата сала на Општина Кисела Вода се одржа работилница за контрола на безбедноста и квалитетот на храната во воспитно-образовните институции во Кисела Вода, во организација на општината Кисела Вода, а со поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство, Центарот за јавно здравје – Скопје и Вита Диет клубот од Скопје.

На настанот, пред државниот секретар во министерството за образование и наука и воспитнио-образовниот и менаџерскиот тим од основните училишта и градинките од Кисела Вода, се обрати и иницијаторот на работилницата, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ, која потенцираше дека локалната самоуправа со оваа иницијатива отпочнува со реализација на низа проекти со кои ќе се подигне јавната свест, најпрвин кај воспитно-образовниот кадар, а потоа и кај родителите за значајноста на здравата исхрана кај нашите деца.

 

-“Вториот и можеби посуштествен чекор ќе биде да се воспостави ново мени за исхрана во градинките и училиштата со продукти кои ќе изобилуваат со хранливи вредности, кои не само што позитивно ќе влијаат врз имунолошкиот систем на децата, туку и ќе превенираат секаква можност од интоксикација на нашите најмали, на нашата иднина. Тоа е најмалку што можеме да сториме за нашите деца” – изјави Беличанец – Алексиќ.

Таа потенцираше на важноста од подигнување на свеста на децата за важноста на здравата и квалитетна храна.

-“Токму затоа, во овој процес подеднакво ќе ги вклучиме сите заинтересирани страни. Очекувам оваа наша иницијатива да допре и до родителите на децата, бабите и дедовците, до учителите и професорите, до педијатрите. Токму затоа, во овој процес подеднакво ќе ги вклучиме сите заинтересирани страни. Очекувам оваа наша иницијатива да допре и до родителите на децата, бабите и дедовците, до наставниците и професорите, до педијатрите. Само на тој начин ќе можеме да ги постигнеме очекуваните резултати – да создадеме свесни генерации што ќе станат имуни на зависноста од брзата храна, со што ќе им обезбедиме посигурна и поздрава иднина” – резимираше Беличанец – Алексиќ.

Своја презентација имаше и претседателот на Советот на Општина Кисела Вода, Трајче Донев, кој воедно е и државен советник во Агенцијата за храна и ветеринарство. Донев ја нагласи потребата од воспоставување на систем за ДХП и ДПП во училиштата и градинките, а ја образложи и неопходноста од одржување на редовна хигиена на објектите и целокупниот процес на воспоставување на ефикасен систем за контрола на безбедноста и квалитетот на храната, особено во училиштата и градинките. Тој се осврна на Законот за безбедност на храната, кој го презентира имплементирањето на модерниот систем за безбедност на храна (НАССР) во кој се нагласува значењето на хигиената на производствените процеси и превенцијата.

-“Операторот со храна е должен да спроведе систем за обезбедување на безбедноста на храната во сите фази на производство, преработка и дистрибуција на храната, освен во примарното производство, во секој објект под негова контрола, во согласност со принципите за ДПП и ДХП и анализата на ризикот и критичните контролни точки – ККТ од НАССР планот“ – информираше Донев.

Кратка презентација на темата за набавка на суровините, подготовката на храната, термичкото одржување и транспортот на храната имаше епидемиологот, д-р Ката Стојановска од Агенцијата за храна и ветеринарство, додека пак внатрешната контрола на објектите и најчестите болести предизвикани од храната, беа тема на презентација на д-р Љупчо Костадиновски од Центарот за јавно здравје – Скопје.

Тања Турунџиева од Вита Диет клубот од Скопје се осврна на проблемите со гојазноста и здравстевните проблеми кај децата, кои произлегуваат од конзумирање на нездрава храна.

Таа го потенцираше суштинското значење на исхраната, во насока на чување на нашето здравје, а се обрати и до воспитно-образовниот кадар во училиштата и градинките за воспоставување на едукативни програми со кои ќе ги учат децата на правилна исхрана.

-“Вие како воспитувачи и педагози ја давате образовната култура, но сметам дека можете да ја пренесете и културата на исхрана на нашите деца” – изјави Турунџиева.

Работилницата предвидена за воспитниот и менаџерскиот кадар од основните училишта и градинките од општината Кисела Вода, се комплетираше со практичен дел и посета на кујната во основното училиште “Круме Кепески” во Кисела Вода.

 

Споделете:

Scroll to Top