Градоначалникот на Општина Кисела Вода Филип Темелковски придружуван од страна на секретарот на општината Александар Алексовски денес на најуспешните спортски клубови им додели благодарници за придонес и афирмација на спортот во општината.
Благодарници добија три спортски клубови кои изминатиот период остварија добри резултати и бројни победи на повеќе натпреварувања како на домашни така и на меѓународни.
Овој месец во рамки на македонските првенства, во финалните натпреварувања одлични резултати постигнаа ЖОК Јанта Волеј, ЖКК Бадел и КК Академија ФМП.
Имено, девојките од ЖОК Јанта Волеј станаа државни шампионки во сениорска категорија, освоија злато, додека пионерките од истиот клуб го освоија второто место во македонското првенство. Исто така, титула во Кисела Вода донесе и повеќекратниот шампион ЖКК Бадел 1862, кошаркарките од овој клуб од почетокот на првенството остварија бројни победи. Уште еден кошаркарски клуб кој оствари одлични резултати како на домашен така и на меѓународен терен е Академија ФМП. Кошаркарите од овој клуб го освоија второто место во државното првенство во младинска категорија (М20). Младинците на истиот клуб на турнир во Србија во Лесковац го освоија третото место, додека во Бугарија во Ботевград второто место. Покрај остварените добри резултати, КК Академија ФМП со поддршка од Општина Кисела Вода од почетокот на месец април започна со оддржување на бесплатни тренинзи за сите заинтересирани дечиња од општина Кисела Вода.
Градоначалникот Темелковски во своето обраќање на претставниците на спортските клубови им се заблагодари за придонесот, афирмацијата и промовирањето на спортот помеѓу младите во општината. Темелковски нагласи дека досегашната успешна соработка ќе продолжи и во иднина и дека спортските клубови секогаш ќе ја имаат неговата поддршка.
На крајот од средбата, претставниците на спортските клубови на градоначалникот Темелковски му доделија медали, со ова тие му заблагодарија за поддршката која постојано им ја дава.
Клубовите од Кисела Вода во одигрувањето на натпреварите во македонското првенство ја имаа поддршката од градоначалникот Филип Темелковски, кој често беше присутен на трибините.
Воедно, неодамна по иницијатива на градоначалникот Темелковски, Општина Кисела Вода на 23 спортски клубови им додели материјална помош. Оваа помош ја добија спортските клубови кои со своите програми и активности придонесуваат за развојот на спортот и физичката култура кај децата и младите на територијата на општината.