Search
Close this search box.

Градоначалникот на Кисела Вода додели нови 35 ваучери на семејства со новороденчиња

На пригоден начин денеска во Општина Кисела Вода, градоначалникот Билјана Беличанец – Алексиќ по втор пат свечено додели ваучери на 35 семејства од општината кои имаат принова и притоа доставија комплетна документација за еднократна парича помош во висина од 6.000 денари.

Одлуката за доделување на еднократна парична помош на секое семејство со новороденче од општината, се донесе едногласно од страна на Советот на општината на 4-тата пленарна седница, по лична заложба и предлог на градоначалникот. 

“Со мерката која Општина Кисела Вода за прв пат ја применува од оваа година, искрено се надевам дека ќе дадеме скромен поттик и стимул за семејствата  сериозно да размислуваат и да се одлучат за зголемување на бројот на дечиња” – изјави градоначалникот Беличанец – Алексиќ.

Таа ги повика сите родители кои ги исполнуваат критериумите заедно со барањето да достават лична карта или друг документ за лична идентификација, извод од матична книга на родените за новороденчето, како и фотокопија од трансакциона сметка. Рокот за поднесување на барањата е 90 дена од моментот на раѓање на детето.

“Општина Кисела Вода се грижи, и понатаму ќе продолжи да се грижи за своите најмали жители” – порача градоначалникот Белиаченц Алексиќ,  најавувајќи дека овој проект во Програмата од социјалната сфера на Општина Кисела Вода ќе се запази се до крајот на истекот на четиригодишниот мандат.

-“Да Ви се живи и здрави, големи да раснат. Ви посакувам да се гордеете со нив, а покрај Вас и ние како општина” – заврши градоначалникот Беличанец – Алексиќ, посакувајќи им на татковците гордо да ги шетаат бебињата во колички низ општината, а на мајките мирно доење и ноќи со што помалку грчеви.

Родителите кои присуствуваа на свеченоста, ја поздравија иницијативата на градоначалникот и изјавија дека средствата ќе им бидат од големо значење.

Од воведувањето на оваа мерка од страна на општината, досега се доделени вкупно 54 ваучери за еднократна парична помош на семејства со новороденчиња.

 

Споделете:

Scroll to Top