Search
Close this search box.

Во петок музички концерт во парк Шопен, во знак на сеќавање на овој полски музички великан

Во петок, 17.102014, општина Кисела Вода организира свечено чествување на музичкиот великан Фредерик Шопен. Имено по повод  165 години од смртта на овој музичар, сакаме да ги поканиме сите жители на општината , па и надвор од границите на оваа територија, да дојдат во паркот Шопен, лоциран непосредно до општината, каде ќе можат да уживаат во едно културно доживување, инспирирано од овој уметник.

Имено, на настанот на кој свое обраќање ќе имаат градоначалникот на општина Кисела Вода г-ѓа Билјана Беличанец-Алексиќ и амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, г-дин Јацек Мултановски, свое музичко претставување пред публиката ќе има триото ВивАрт. Ова камерно трио, во состав Билјана Петровска (пијано), Милена Тодороска (виолина) и Петар Колевски (кларинет, саксофон), зад себе има богата биографија, во која се нотирани повеќе концертни настапи ширум  државава. Познато е по својот карактеристичен звук и тонска боја која доаѓа преку специфичниот спој на нивните инструменти и аранжманите кои се специјално направени за овој состав.  Ова трио пред публиката во паркот Шопен ,во петок ќе се претстави со музички избор од делата на Шопен.

Овој настан, е уште еден чекор напред во ионака добрата соработка што општина Кисела Вода ја има со Република Полска. Имено, ова е единствената општина во Република Македонија, во која една улица е именувана по овој светски музичар, а во 2010тата во рамките на прославата на 200годишнината од раѓањето на овој полски композитор, беше отворен и паркот Шопен, во кој и ќе се одвива петочниот настан. Би ни било посебно задоволство доколку граѓаните ни се придружат на ова големо културно случување кое започнува во петок (17.10.2014) со почеток во 12 часот, во паркот Шопен.

Споделете:

Scroll to Top