Search
Close this search box.

Општина Кисела Вода одбележа 165 години од смртта на Фредерик Шопен

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Фредерик Шопен  и голем концерт на триото ВивАрт, денеска општина Кисела Вода ја одбележа 165 годишнината од смртта на овој голем музичар. На настанот на кој присуствуваа градоначалникот на општина Кисела Вода, Билјана Беличанец Алексиќ и амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, Јацек Мултановски, на сцена беа донесени Шопеновите најпопуларни полонези и мазурки кои се запишани во историјата на светска музика.

Бројната публика имаше можност да ужива во едночасовната изведба на триото Виварт, во состав Билјана Петровска (пијано), Милена Тодороска (виолина) и Петар Колевски (кларинет), кое преку својот карактеристичен звук, тонска боја и посебните аранжмани дадоа свој печат во пренесувањето на музичката мисла на овој светски великан со полско потекло.

Општина Кисела Вода четврта година по ред, преку одделението за култура, организира вакво свечено чествување на Фредерик Шопен. Имено, ова е единствената општина во Република Македонија, во која една улица е именувана по овој светски музичар, а во 2010, беше отворен и паркот Шопен во кој се одвиваше денешниот настан.

Добрата соработка ќе продолжи и понатаму, беше заклучокот на градоначалникот на општина Кисела Вода, Беличанец Алексиќ  и на амбасадорот на Република Полска во Република Македонија, Мултановски, кои  по завршувањето на концертот, продолжија со и разговор во Кабинетот на градоначалникот.

Таму, беа изнесени повеќе конкретни идеи за  заеднички проекти, во насока на продлабочување на соработката меѓу полската држава и општина Кисела Вода. 

Споделете:

Scroll to Top