Search
Close this search box.

Кисела Вода, единствената македонска општина дел од мрежата на Партнерството за отворена власт (ПОВ)

Денес, Партнерството за отворена власт (ПОВ) објави дeка Кисела Вода е една од новите 55 нови општини на својата растечка мрежа од 75 земји, кои ги унапредуваат иницијативите за отворена власт ширум светот. Како единствена општина од Македонија, која беше избрана меѓу 138 апликанти, за Кисела Вода ова претставува значаен чекор во поттикнувањето на транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на локалните политики и одговорноста на локално ниво. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со партнерите во овој процес, директорот на ИРИ, Крис Бренан и високите претставници од ИРИ Илина Мангова и Марија Саздевски, со националниот координатор за ПОВ Гордана Гапиќ Димитровска од МИОА, како и со претставниците од здружението КРИК Константин Карадафов и Ангела Здравковска. Од сите нив доби честитки за успехот, кко и за сета досегашна работа, за ентузијазмот и најавениот акциски план кој ќе ја унапреди состојбата во општината и пошироко, со оглед на тоа што градоначалникот Ѓорѓиевски е и Претседател на ЗЕЛС, а Кисела Вода исто така е дел од Б40 Мрежата на градови од Балканот.

Градоначалникот го изрази своето задоволство што преку можноста да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ), на граѓаните ќе им се овозможи зголемена транспарентност и со тоа зголемена доверба во институцијата.

-Чест и привилегија е да се биде дел од Партнерството за отворена власт (ПОВ) , од оваа значајна мрежа на општини од светот кои преку својата работа во изминатите 15-тина години дадоа големи резултати во насока на отворање на институциите кон граѓаните. Драго ми е што нашите досегашни заложби и реализирани проекти во изминатите две години, со посебен акцент на зголемената транспарентност и дигитализацијата беа препознаени помеѓу други 138 апликанти и Општина Кисела Вода денес ги доби овие убави вести. Ова за нас како општина и за мене како градоначалник претставува уште поголема обврска за да испорачаме уште подобри политики за граѓаните. Стекнатото знаење и помошта од експерти кои треба произлезат од членството во ПОВ за Општина Кисела Вода ќе значи постигнување на уште подобри резултати во транспарентноста, учеството на граѓаните во креирањето на политиките и одговорноста на локално ниво. Со оглед на тоа што сум и Претседател на ЗЕЛС, ова ќе овозможи споделување на позитивните искуства со останатите 80 општини, со што бенефитот ќе го почувствуваат и останатите граѓани ширум државата. Верувајќи во сопствените потенцијали, сметаме дека со членството во ПОВ ќе можеме да го стимулираме развојот и на други членови на оваа престижна организација и градење на капацитети кои ќе бидат мостови при решавањето на проблеми од сличен карактер.

Дополнително, како дел од мрежата Б40 Мрежата на градови од Балканот, Општина Кисела Вода ќе може своите стекнати искуства да ги вложи и во насока на унапредување на соработката и зајакнување на демократијата, подобрувајќи го дијалогот меѓу локалните заедници-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Партнерството за отворена власт (ПОВ) e доброволна меѓународна иницијатива започната од осум земји во 2011 година. Република Македонија веднаш по започнувањето стана дел од оваа глобална инцијатива во рамките на која Владите и граѓанските организации се залагаат за Влади кои се поотворени и поодговорни кон граѓаните. Денес во иницијативата учествуваат 78 земји членки и голем број граѓански организации.

Со приклучувањето кон иницијативата, Владата на Република Македонија потпиша Декларација со која се обврза заедно со граѓанските организации и граѓаните да подготвува и спроведува конкретни заложби за промовирање на транспарентноста, поддршка на граѓанското учество, борба против корупцијата и искористување на новите технологии во јавната администрација и надвор од неа за поддршка на иновациите, и слично. Покрај процесот на ПОВ од извршната власт, во нашата земја се спроведуваат исти процеси и од страна на законодавната (Отворен парламент), судската власт (Отворено судство), а сега веќе со членството на Општина Кисела Вода, и од локалната власт.

Споделете:

Scroll to Top