ООУ„Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево, денес го одбележа својот патронен празник. Во присуство на Претседателот на Советот на општина Кисела Вода Трајче Донев, шефот на кабинетот на градоначалникот, претставници на Секторот за образование, предучилишно воспитување, култура и спорт и многубројни гости, се одржа свечена приредба на која освен музички изведби на солисти на инструменти и училишниот хор, драмски изведи, беа наградени учениците кои покажаа најдобри резултати од областа на литературата, уметноста и спортот, како од централното, така и од подрачното училиште во н.Пинтија.
Свое обраќање имаше директорката Елизабета Славковска. На денешниот настан му претходеа низа активности за одбележување на патрониот празник, сите под мотото „Некои луѓе само говорат…“.
Инаку, минатата година ООУ„Рајко Жинзифов“ одбележа 50 години постоење. Година во која ова училиште доби нов училишен објект кој се протега на 4500 квадратни метри во кои се сместени 35 училници, 5 модерно опремени кабинети и библиотека. Во дворот кој се протега на 16000 квадрати има фудбалско игралиште , кошаркарско игралиште , атлетска патека, простор за слободни активности на отворено. Средствата за овој објект, во вредност од 4 милиони евра, донација од Н.Р. Кина, беа обезбедени како дел од склучениот договор на Владите на Република Македонија и НР Кина за билатерална соработка, преку Секторот за локален економски развој на општина Кисела Вода.