
Бети Стаменкоска Трајкоска е родена на 19.04.1977 во Скопје, каде го гради своето образование, професионален развој и јавен ангажман. Од 2001 година е дипломиран професор по географија при Институтот по Географија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Својата долгогодишна кариера во образованието ја гради предавајќи во неколку скопски основни и средни училишта: ОУ „Гоце Делчев“, СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ и СУГС Гимназија „Орце Николов“, каде покрај наставата е и класен раководител, но и активен учесник во бројни меѓународни проекти. Во училиштата каде работи, организира и спроведува еколошки иницијативи, активности за подигање на еко-свестa кај учениците, како и хуманитарни проекти насочени кон локалната заедница. Особено е препознаена по својата работа во билингвалните англиски и француски паралелки во гимназијата „Орце Николов“, каде активно учествува во меѓународни и франкофонски иницијативи и во развивањето на современи наставни практики. Паралелно, Стаменкоска Трајкоска е автор на учебници по географија, одобрени од Министерството за образование и наука, како и автор, учесник и координатор во Erasmus+ проекти. Таа е и дел од бројни професионални обуки во Франција и Англија, насочени кон модернизација на наставата и подигнување на образовните стандарди. Активно говори англиски и француски јазик. Од 2020 до 2025 година е пратеник во Собранието на Република Македонија од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. На 22 јануари 2025 година, од страна на Француската амбасада во Република Македонија, Стаменкоска Трајкоска е одликувана со високото признание „Витез од редот на академските палми“, за нејзиниот исклучителен придонес во промовирањето на француската култура, образованието и франкофонската заедница, како и за нејзината активна улога како пратеничка и претседателка на Франкофонската секција во парламентот. На локалните избори што се одржаа на 18 октомври 2025 година, Бети Стаменкоска Трајкоска, како кандидат на коалицијата предводена од партијата ВМРО-ДПМНЕ, ја доби довербата на граѓаните уште во првиот круг и ја презеде функцијата градоначалник на Општина Кисела Вода.
тел: 02/2785400
факс: 02/2770210
e-mail: gradonacalnik@kiselavoda.gov.mk


