Search
Close this search box.

Свечена седница на Советот на Општина Кисела Вода: 70 години јубилеј: Сè на свое место, најдоброто допрва доаѓа!

Со свечена седница на Советот на Општина Кисела Вода, одржана во Домот на култура „Билјана Беличанец“, започна одбележувањето на големиот јубилеј – 70 години од постоењето на најстарата скопска општина.

На настанот присуствуваа поранешни и актуелни функционери, советници, претставници на институции, заслужни граѓани и гости, а во свечена атмосфера беа доделени и симболични статуетки во форма на клуч, како признание за оние кои оставиле значаен белег во развојот на Кисела Вода.

– Денес нѐ обединува една голема годишнина. 70 години постоење на Општина Кисела Вода, најстарата скопска општина, чија историја е испишана низ трудот, визијата и промените кои го обликувале нејзиниот инфраструктурен, социјален и урбан лик. Некогаш, во рамките на оваа општина функционираа и пет други денешни самостојни општини. Јадрото на таа силна административна целина е токму денешната Кисела Вода, која во последните неколку години прерасна во пример за ефикасно, отчетно и плански водено управување, со јасни приоритети и реални резултати. Во оваа сала денес се среќаваат различни генерации – луѓе кои на различни начини биле дел од општинскиот развој низ годините. Дел како носители на одлуки, дел како административна поддршка, дел како активни граѓани. Секој оставил свој придонес во времето кога имал можност и одговорност. Им благодарам на сите. Од првите административци, советници и градоначалници, до денешните носители на функција и служби кои секојдневно работат во интерес на граѓаните. Ова е заеднички јубилеј на сите кои придонесувале и придонесуваат за Кисела Вода да биде подобро место за живеење. Оваа годишнина е наше заедничко обележување е и наше, и ваше, и на сите граѓани. Изминатите три и пол години ја претворија Кисела Вода во симбол на сериозен напредок. Ја имав и имам честа да бидам на чело на овој процес во кој од првиот ден, со јасна визија и чесна намера, тргнавме да ставиме сѐ на свое место. Тоа не беше само слоган, туку и наш патоказ. И затоа денес можеме со гордост да зборуваме за резултатите, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски давајќи кус осврт на најважните проекти кои се сработени во овие триипол години.

-Сакам искрено да се заблагодарам на сите советници. И од власта и од опозицијата. Тие покажаа конструктивност и политичка зрелост кога се работеше за интересите на граѓаните. Да се заблагодарам и на Претседателот на Советот, како и на сите компании, поддржувачи и општествено одговорни лица кои застанаа зад секоја добра идеја. Да се заблагодарам на јавните личности од кои секогаш ја имав поддршката.Но најголемата благодарност оди до вас, жителите на Кисела Вода. Без вас, без вашата поддршка, критика, предлози и доверба, ништо од ова немаше да биде можно. Вие сте најважната алка во синџирот на успехот. Вие сте причината зошто го работиме ова со срце, со елан и со визија. Ставивме ред. Поставивме основа за одговорно управување. Сè е на свое место. Но ова не е крајот на патот, туку само увертира за она што следи. Зошто кога знаеш каде одиш, кога имаш визија и поддршка, тогаш е јасно -НАЈДОБРОТО ДОПРВА ДОАЃА-порача градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. 

По ова, следеше доделувањето на статуетките за 13 граѓани за нивни трајни заслуги во развојот и афирмацијата на општина Кисела Вода. Свеченоста беше заокружена со сечење на роденденската торта и коктел.

Оваа седница беше почеток на повеќедневното одбележување на јубилејот, кое продолжува со Културното лето на кое ќе има многу концерти, културни и спортски настани, отворени за сите граѓани.

Споделете:

Scroll to Top