Search
Close this search box.

Градоначалникот Беличанец-Алексиќ донираше на Дневниот центар за деца од улица

Донација за децата кои се во ризик или кои се евидентирани како питачи, денес изврши градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ.

Во Дневниот центар за деца од улица, лоциран во општина Кисела Вода беа доставени неколку пакети со долна облека, пешкири, папучи, друштвени игри, прибор за јадење, кои треба да помогнат за подобро функционирање на центарот.

Градоначалникот во својата обиколка на објектот, ги поздрави и поразговара со дечињата, кои секојдневно со возило од установата се носат до центарот и таму го минуваат својот ден.

Ги прашуваше околу нивниот ангажман во центарот и начинот на кој го минуваат денот во него. Дечињата се заблагодарија за донацијата и зборуваа за сите свои желби и потреби.

 Од страна на в.д. директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје во чии рамки функционира Дневниот центар за деца на улица-Кисела Вода, Билјана Јарчевска, како и од раководителот на Одделението за социјално вклучување Анета Апчева, градоначалникот беше информиран за конкретните мерки и активности, преку кои функционира центарот, а кои опфаќаат евидентирање на дечињата, нивна опсервација, дневно згрижување во центарот каде добиваат топол оброк, стекнуваат хигиенски навики, им се обезбедува правото на зравствена заштита, воспитно-едукативни услуги, психолошко советување за нив и за нивните семејства…

Градоначалникот Беличанец-Алексиќ од нив побара информација за потребите на оваа установа, по што се дискутираше за наредните чекори за можна соработка која би довела до подобри услови за дечињата кои тука го минуваат своето секојдневие.

 

Дневниот центар за деца на улица-Кисела Вода при ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа на град Скопје е отворен во 2004тата година. Редовно, на  дневна основа згрижува деца на возраст од 4 до 14 години, кои се во ризик или кои се евидентирани како питачи. Целта на згрижувањето е ресоцијализација на децата и нивна подготовка за запишување во редовна настава.

Споделете:

Scroll to Top