Со богата културно-уметничка програма и во присуство на голем број граѓани, гости, поддржувачи, како и претставници на бројни здруженија на лица со попреченост, денес во Паркот „Шопен“ беше одбележано отворањето на скопската подружница на Мултиетничкото хуманитарно здружение „Нова искра – Нова надеж“.
Здружението, кое е со седиште во Радовиш и е предводено од претседателот Мите Митев, со години се залага за поддршка, помош и активно вклучување на лицата со хендикеп, лицата со посебни потреби и сите категории попречености. Со отворањето на подружницата во Скопје, со која ќе раководи Ирена Вујчиќ, се отвораат нови можности за унапредување на нивната социјална и културна вклученост.
На настанот присуствуваа и дадоа поддршка голем број организации на лица со попреченост, меѓу кои и значаен дел од здруженијата кои делуваат на територијата на Општина Кисела Вода. Присутните ги поздрави градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, на која од страна на организаторот и беше врачена благодарници за несебичната поддршка.
-Отворањето на подружницата на „Нова искра – Нова надеж“ во Скопје е значаен чекор кон поинклузивно општество. Особено ме радува што денес овде се присутни сите релевантни организации, а голем дел од нив се токму од Кисела Вода. Нашата поддршка како општина е континуирана и искрена. Преку конкретни проекти, пристапност и отворена соработка со здруженијата, се трудиме да создадеме средина во која секој граѓанин ќе биде виден, слушнат и еднакво вклучен. Овие млади луѓе и нивните настапи денес ни покажуваат дека талентот и креативноста не познаваат граници-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Културно-забавниот дел од манифестацијата понуди разновидни музички, фолклорни и сценски настапи, проследени со ликовна изложба, преку кои членовите на овие здруженија ги претставија својот автентичен израз, талент и уметнички потенцијал. Овој настан во Паркот „Шопен“ воспостави непосреден дијалог преку уметноста и покажа како изгледа вистинската инклузија кога бариерите исчезнуваат.





























