Во рамки на денешното одбележување на Светскиот ден на учителот, градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски додели награди на 33 просветни работници од основните училишта на општината. Ова признание е доделено на одделенски наставници, предметни наставници и стручни соработници кои ги исполнуваа зададените критериуми на распишаниот конкурс и покажале особена посветеност во својата работа со учениците. Целта на овие награди е да се стимулира и мотивира уште поголема посветеност во воспитно-образовниот процес.
-Учителите имаат исклучително важна и благородна мисија – да го насочуваат и обликуваат развојот на децата во одговорни и успешни личности. Нивната улога во образовниот процес е клучна, а денес со овие награди сакаме да им оддадеме признание за нивната посветеност и да ги мотивираме да продолжат со истата енергија и ентузијазам. Честит Светски ден на учителот на сите наставници, кои секојдневно вложуваат љубов и знаење за иднината на нашите деца-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Доделувањето на овие награди е уште еден доказ за посветеноста на Општина Кисела Вода кон поддршката на просветните работници и унапредувањето на образованието во општината. Следната седмица ќе биде распишан и конкурсот за доделување награди на најдобрите аминистративни работници, воспитувачи, негуватели, струни соработници и помошно-техничкиот персонал во јавните детски градинки од овој дел на градот.