Search
Close this search box.

Градоначалникот Ѓорѓиевски положи свежо цвеќе пред споменикот на Кузман Јосифовски Питу

Градоначалникот Ѓорѓиевски и делегација од општина Кисела Вода, денес положија свежо цвеќе на споменикот на Кузман Јосифовски Питу, во истоименото училиштето кое денес го одбележува својот патронат.

 

Ова училиште постои 61 години и со себе ја носи историската мисла за македонскиот херој Питу. Задачата на секој поединец, а посебно на училиштето и на локалната самоуправа е таа мисла да се пренесе на следните генерации и да се води грижа за достојно одржување на сите објекти кои во негов спомен му го носат името, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Наведе дека ОУ “Кузман Јосифовски Питу”, по завршените реконструктивни зафати доби нов покрив и фасада, како и лифт за децата со посебни потреби, сензорна соба, пристапни рампи, специјални тоалети, тактилни патеки, со што тоа е првото целосно инклузивно основно училиште во Скопје.

-Гордост е да се биде во училиште кое го носи името Кузман Јосифовски Питу, бидејќи тој има големо значење во македонската историја. Запаметен е како еден од главните организатори на антифашистичкото движење и на НОБ во Македонија, како еден од првите македонски борци кои го добиле одликувањето Народен херој, како лик кој честопати поради своето храбро дело е нарекуван и Гоце Делчев на Народноослободителната борба.

И токму затоа сме должни како Македонци да застанеме пред паметникот на овој голем херој и да му оддадеме чест. На нашите ученици да им раскажеме за неговата борба и да им укажеме на големината на името Кузман Јосифовски Питу. И на оваа генерација, и сите пред неа, и на сите што доаѓаат! А паралелно со пренесувањето на историската мисла, наша задача, е да се погрижиме за достојното одржување на сите објекти кои во негов спомен му го носат името.

Затоа, ми претставува уште поголема чест што веќе една година, како градоначалник на Општина Кисела Вода, ја имам одговорната задача да бидам лидер на тимот што се грижи за инфраструктурните подобрувања, кои во ова училиште се повеќе од видливи. По завршувањето на реконструктивните зафати, “Кузман Јосифовски Питу,” 61-ата година од постоењето ја започнува како првото целосно инклузивно основно училиште. Објектот има нов кров, термоенергетска фасада, нова сензорна соба, лифт за децата со посебни потреби, пристапни рампи, специјални тоалети, тактилни патеки, што има дополнителна важност ако е знае дека во ова училиште функционира Центар за поддршка на учење на ученици со попреченост.

Подобрувањето на ликот и унапредувањето на условите за учење и работа се наша обврска на која посветено ќе работиме и во годините што претстојат. Приказната за Кузман Јосифовски Питу започната во минатото, ќе продолжат да ја испишуваат сегашните и идните ученици-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Патронатот на училиштето беше одбележан со музичко-сценска програма во изведба на учениците, како и крводарителска акција организирана во соработка со Црвен Крст-Кисела Вда, на која учество зедоа повеќе хумани граѓани.

 

Споделете:

Scroll to Top