Search
Close this search box.

Локална стратегија за претприемничко учење за општина Кисела Вода

Денес во Големата сала на општина Кисела Вода, беше промовирана  верзијата на изработената локална стратегија за претприемничко учење за општина Кисела Вода, на која се работеше од мај годинава.

 

Проектот го спроведуваат Општина Кисела Вода преку Секторот за локален економски развој и Волонтерскиот центар Скопје, а со финансиска поддршка од ЕУ преку проектот “Мрежа за поддршка на млади преприемачи”.

– Предизвикот да се биде успешен во време на динамично опкружување сè повеќе ја наметнува потребата да работиме на едуцирање на младите и давање на помош при нивното професионално насочување, при што ќе се поттикнува претприемачкиот дух кај нив, со акцент на приватна иницијатива и можностите за самовработување. Притоа, како неопходност се наметнува потребата за стратегиско планирање во  организациите и институциите, со цел подобрување на условите за работа и живот преку  подигнување на свеста за важноста на претприемничкото учење помеѓу граѓаните, особено младите-истакна во своето обраќање пред присутните Елизабета Јаневска од Секторот за локален економски развој при општина Кисела Вода.

Претседателот на Волонтерскиот центар Скопје, Никола Станкоски ги истакна целите на овој проект како што се подигнување на свеста за важноста на претприемничкото учење помеѓу граѓаните, особено младите, што се поистоветува со дел од целите на Националната стратегија за претприемачко учење како и Акциониот План на Мрежата за поддршка на млади претприемачи.

– Со самото учество во процесот на изработка на стратегијата, учесниците ќе станат свесни за проблемите со кои се соочува општината, претприемачите, образовните институции, општо населението, младите, идните претприемачи и ќе треба да размислуваат како би ги подобриле условите кои не им се допаѓаат, односно да употребат стратешки пристап кон решавање на проблемите, дискутирајќи и размислувајќи за исходите од реализацијата на нови идеи и решавање на проблемите-истакна Станкоски.

Претседателот на Младинскиот Совет на општина Кисела Вода, Ана Ризоска ја потенцираше улогата на тимот од Младинскиот совет во креирањето на стратегијата, истакнувајќи дека ова е посебно важно ако се има предвид дека целната група на овој проект се невработени млади лица од сите сфери и степени на образование, кои имаат знаења, вредности и потенцијал за идни нови претприемачи, како и сите други лица на територијата  на општина Кисела Вода, кои имаат претприемнички потенцијал и вредности, но, можеби, немаат или пак не се доволно запознаени и информирани за претприемништвото.

По презентацијата на изготвената Стратегија од страна на координаторот на проектот од Волонтерскиот центар, Сања Стојчева уследи широка дискусија од страна на присутните на која беа презентирани и дополнителни идеи и размислувања кои би можеле да бидат земени предвид при изготвувањето на финалната верзија на овој документ за претприемничко учење за општина Кисела Вода.

Споделете:

Scroll to Top