По повод денешниот 1 Октомври, Меѓународниот ден на старите лица, градоначалничката на општина Кисела Вода, Бети Стаменковска Трајкоска, оствари посети на неколку домови на територијата на општината.
Во непосреден и срдечен разговор со лицата кои своето секојдневие го минуваат во Домот за стари лица „Дабески лукс“ и Домот за стари лица „Сонце“, покрај тековните потреби, се споделуваа животни приказни, убави спомени, но и секојдневни размислувања. Низ отворен разговор за нивните навики и предизвици со кои се соочуваат, градоначалничката ја истакна важноста на континуираната грижа за овие граѓани која е на високо ниво во рамките на општината и потенцираше дека Општина Кисела Вода ќе продолжи со своите заложби за обезбедување уште повеќе можности.
-Денешната средба беше прекрасна можност да поразговараме од срце, да се насмееме, но и внимателно да ги слушнам потребите на повозрасните лица. На овие луѓе честопати најмногу им значи самото внимание и убавиот збор, но наша задача е и преку конкретни дела секојдневно да им го олеснуваме животот. Ние како локална самоуправа продолжуваме да бидеме нивен стабилен партнер кој постојано ќе нуди практична помош и сигурност-истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Во насока на овие заложби, продолжуваат услугите за старите лица во Општина Кисела Вода: помош и нега во домот преку Црвениот крст, посебен превоз за стари лица, како и услугата „итно копче“. Дополнително, континуирано продолжува и поддршката која се дава на здруженијата на пензионери за нивните активности и меѓусебни дружби.











