Целосно руиниран објект во општина Кисела Вода, денеска е комплетно нов современ Дом на културата. Руинираниот објект кој бил изграден од 1959 година, а 20 години бил надвор од употреба, започна да се гради со целосна реконструкција во 2014 година со заеднички средства на општината и Владата, преку Министерството за култура.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ денеска официјално го пуштиja во употреба новиот Дом на културата во Кисела Вода „Кисела Вода – Кино“ (КВК).
Станува збор за целосно, темелно реконструиран објект изграден во 1959 година, руиниран и надвор од употреба од 1990 година за чија обнова се инвестирани 42 милиони денари од Министерството за култура и девет милиони денари од локалната самоуправа.
– Дадовме ветување на изборите дека овој објект ќе биде возобновен и дека општината Кисела Вода ќе добие Дом на култура, Кино и сите пропратни елементи и тоа го реализиравме. Задоволство ми е што денеска имав можност да присуствувам на свеченото отворање на, може да се рече, новиот Дом на култура и Кино во општина Кисела Вода, што всушност е темелна реконструкција, толку голема скоро како да е изграден нов објект, изјави Груевски по обиколката на објектот.
Тој посочи дека објектот има можности за одржување театарски претстави бидејќи има 169 седишта и одлична театарска сцена, библиотека и многу други простории.
– Со еден збор ќе биде катче во кое ќе има многу културни и забавни содржини од одржување театарски претстави – професионални и аматерски, до разни други културно-уметнички настани од типот на играорни друштва, музички настани, поетски читања…, вклучувајќи и кино проекции, бидејќи е вградена целосна опрема за кино проекции, рече Груевски.
Со заеднички сили, потенцира, како Влада и како општина во 2014 го започнавме реконструирањето кое е веќе завршено и објектот е пуштен во работа.
– За два дена, на Денот на општина Кисела Вода, официјално ќе биде првпат употребено и ќе влезе во функција во целосна смисла на зборот, потенцира Груевски.
Новиот Дом на култура во Кисела Вода е на површина од околу 900 метри квадратни. Во приземјето се сместени мултимедијална сала со 169 седишта, музичко-уметнички клуб, библиотека, канцеларија на Месната заедница, гардероби, билетарница, пацио. Просторот е збогатен и со дополнителни содржини како кафетерија, додека во подрумскиот дел е сместен делот за релаксација во кој граѓаните на општината Кисела Вода ќе може да го поминуваат своето слободно време. Во подрумот има и мала сала во која ќе може да се подготвуваат театарските претстави. Во дел од контролната кула, пак, е сместена контролна соба и остава.