Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес оствари средба со најдобрата македонска и светска ракометна судиска двојка, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. По бројните врвни натпреварувања од кои ќе ги спомнеме последните- Светското првенство во Шведска во 2022 година, финалето на СП во 2023 год. во Унгарија, Шведска и Австрија, како и полуфиналето на ЕП во 2024 година во Германија, своевремено најдобра судиска двојка во светот во избор на Светската ракометна федерација (ИХФ), летово ќе ја дели правдата на Олимписките игри во Париз.
За Начевски и Николов ова ќе биде четврта Олимпијада, по Лондон, Рио и Токио. Градоначалникот Ѓорѓиевски им го честиташе големиот успех за кој тие недамна од Општина Кисела Вода добија статуетката во форма на клуч која се доделува на сите заслужни жители.- Големо е моето задоволството што и денес прославуваме уште еден успех на оваа светски призната ракометна судиска двојка. Да се суди на Олимпијада и тоа по четврти пат говори за континуиран квалитет со кој сме горди сите ние, пред се жители на Општина Кисела Вода, но и цела Македонија.
Од неодамна и официјално ги прогласивме за наши почесни граѓани и се надевам дека листата со успеси ќе продолжат да ја збогатуваат со уште вакви значајни натпреварувања. Како градоначалник на Општина Кисела Вода, вложувам големи заложби за достоен третман на големите спортски ѕвезди и по официјалното завршување на нивните натпреварувања. Како локална самоуправа се трудиме да го искористиме нивниот потенцијал и тоа најмногу за младите таленти, па така нашите ученици во своите училишта спортуваат со ракометарот Аце Станковски, судијата Славе Николов, како и со поранешниот репрезентативец, ракометарот Кирил Атанасовски-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.